Трансфер желба на тренерот на Барселона: Чави сака да ја „украде“ ѕвездата на Наполи
Барселона успешно го одработи двомечот со Наполи и со вкупни 5-3 ја мина оваа пречка во Лига Европа. Тренерот Чави Ернандес одлично ја постави играта на двата натпревари на кои неговиот тим го надигра ривалот со таа разлика што поседот на топка и создадените шанси многу подобро ги искористи на реваншот во Неапол. Ова беше можност од прва рака да се увери во квалитетите на своите соиграчи, но и на противникот од кого мерка еден играч кого посакува да го види на „Камп Ноу“. Имено Радио Каталуња пренесува дека шпанскиот стратег многу сака во своите редови да го има дефанзивецот Калиду Кулибали кој веќе долго време настапува за калчолигашот. Кулибали со години е еден од најдобрите дефанзивци во Серија А, интерес за него постоеше од многу екипи, меѓутоа Наполи секогаш ги одбиваше тие напади со поставување на висока цена. Меѓутоа сега договорот на Сенегалецот истекува во 2023 година и ова лето може да се добие по подостапна цена. Останува да се види дали управата ќе му ја исполни желбата на тренерот со оглед на тоа што приоритет е доведувањето на Ерлинг Халанд, додека за одбраната има фудбалери кои би можеле да пристигнат без обештетуваше во Каталонија, а тоа се Сезар Азпиликуета и Андреас Кристенсен кои во моментов го бранат дресот на Челси.
Comments