Традиционалниот новогодишен концерт на „Танец“ вечерва во МНТ
Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“ вечерва во Македонскиот народен театар традиционално, со новогодишен концерт и нова кореографија ќе ја заокружи 2021 година.
На новогодишниот концерт ќе настапи целиот ансамбл и ќе бидат исполнети познатите сценски постановки и кореографски творби како орото „Копачка“, „Шопска петорка“, потоа „Роненка“, „Жетварка“, „Радовишки собор“, како и композиции од богатиот вокално-инструментален репертоар. Ексклузивно на овој концерт премиерно ќе биде претставена и кореографската постановка „Мијачка“ на авторите Марјан Андоновски (кореографија) и Дарко Илиевски (музичка обработка). Ова ново кореографско дело се темели врз личните теренски истражувања на кореографот низ пределот Мала Река.
Иако во услови на пандемија, кои го условија ансамблот задоцнето да ја започне концертната сезона, „Танец“ реализираше богат концертен циклус со спектакуларни концерти на отворено и затворено низ повеќе градови на нашата држава, во рамките на сезоната симболично наречена „Враќање“ во чест на годишнината на Конески.
Годинава, „Танец“ реализираше и низа концертни претставувања на престижните фестивали „Охридско лето“, „Илинденски денови“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Рацинови средби“, „Струмица на отворено“, а оствари и незаборавни концертни соработки со Националниот ансамбл за народни игри и песни „Ладо“ од Хрватска и со нашата гитарска легенда Влатко Стефановски. Освен концертите, „Танец“ во годината што изминува публикуваше и печатени и дискографски изданија.
Концертот ќе биде организиран според сите важечките Ковид протоколи.
Comments