Традиционална чешка вечер: Врвно музичко доживување со квартетот „Вихан“ на “Охридско лето“
Присутните во „Света Софија“ во Охрид завчеравечер уживаа во извонредната музичка изведба на гудачкиот квартет „Вихан“ од Чешка, кои изведоа дела од класичниот романтизам исполнети со многу фантазија и чувствителност во кои се вткаени елементи на чешкиот народен фолклор.
„Не смееме да се фокусираме исклучиво на пандемијата, мора и да живееме. Затоа мислам дека е важно да се поддржи културната соработка, дури и во овие тешки околности. Мислам дека најдобриот доказ дека не се откажуваме е нашето присуство овде оваа вечер… Во 61-годишното постоење на овој фестивал, чешки уметници настапувале 15 пати, а „Вихан“, квартетот е овде по вторпат“, рече амбасадорот на Чешка Мирослав Томан, кој го најави концертот. Оваа традиционална вечер се одржува во соработка и со поддршка на Амбасадата на Чешка во Скопје.
Пред публиката чешкиот гудачки квартет „Вихан“, кој е со светска репутација изведе композиции од Беджих Сметана, Антонин Дворжак и Богуслав Мартину.
„Настапував на фестивалот ’Охридско лето’ пред 27 години. Од тие моменти најмногу во сеќавање ми остана акустиката на црквата „Света Софија“, во која и тогаш музицирав. Акустиката е прекрасна, навистина извонредна, особено за камерна музика. По толку години не го паметам репертоарот, но добро ја запомнив оваа црква, убавината овде, гостопримството на луѓето и како концертот ѝ беше уживање на публиката“, рече виолинистот Леош Цепицки.
Концертот на „Вихан“ го проследи и министерката за култура Ирена Стефоска.
Чешката амбасада, пак, пред влезот на катедралната црква „Света Софија“ подготви и мала изложба поточно репродукција на исклучителниот мозаик на Светите Кирил и Методиј кој неодамна беше изложен во базиликата „Свети Хостин“ во Моравија.
Comments