Традиционална изложба на ДЛУМ во галеријата „КО-РА“: Со цртежот започнува секоја идеја
-Инспирацијата за мојот цртеж насловен „Inevitable restart“ потекнува од сето она што се случува во светот, но и кај нас. За да ја имаме иднината, потребно е да направиме рестарт на многу работи, како на личен план така и колективно, на локално и на глобално ниво. Секој од нас треба да направи некаква промена за да можеме да продолжиме понатаму, затоа што многу се уништени вредностите – вели за весникот ВЕЧЕР Жаклина Глигориевска-Кочоска, добитничка на годинашнава награда за најдобар цртеж. На традиционалната изложба учествуваат 13-мина уметници
Во Домот на културата „Кочо Рацин“, поточно во Галеријата „КО-РА“ во Скопје, од петокот љубителите на уметноста може да ја проследат традиционалната изложба „Цртеж – експериментален цртеж“, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник на наградата за најдобар цртеж годинава е уметницата Жаклина Глигориевска- Кочоска за делото насловено „Inevitable restart“ (Неизбежен рестарт) во техника темперна боја и четка.
– Инспирацијата за цртежот потекнува од сето она што се случува во светот, но и кај нас. За да ја имаме иднината, потребно е да направиме рестарт на многу работи, како на личен план така и колективно, на локално и на глобално ниво. Секој од нас треба да направи некаква промена за да можеме да продолжиме понатаму, затоа што многу се уништени вредностите – вели за весникот ВЕЧЕР уметницата.
Жаклина Глигориевска-Кочоска е родена во 1967 година, во Скопје. Дипломирала во 1994 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин, а во 1993 е прогласена за најдобар студент. Магистрирала 1999 г. на тој факултет, на отсекот Сликарство кај проф. Родољуб Анастасов, во првата генерација на постдипломци. Од 2004 г. работи како професор во училиштето за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1994 г., а учествувала нa 150 групни изложби во Македонија, Бугарија, Србија, Шведска, Франција, Косовo, Хрватска,Чешка, Холандија, Словенија, Канада и во САД, како и на дванаесет ликовни колонии во Македонија, Бугарија и во Србија.
Добитник е и на повеќе награди, меѓу кои „Љубомир Белогаски“ за најуспешна самостојна изложба, 1999 г. во Музејот на Град Скопје, „Димитар Пандилов“ за изложба на мал формат (2015), во 2017 г. за најдобро ликовно дело на изложбата „Цртеж – експериментален цртеж”, потоа наградата за ликовно творештво мал формат „Вангел Коџоман” на Културно- информативниот центар – КИЦ…
– Ова ми е вторпат како што ја добивам наградата за најдобро ликовно дело на изложбата „Цртеж – експериментален цртеж” и секогаш е поттик, но со годините станува најбитно она што го правиме да може да го искажеме. А најподатлив начин е тоа да го правам преку уметноста, преку делото. Наградата произлегува од работата и драго ми е што тоа е вреднувано и што допира и до стручната јавност и до публиката – додава Глигориевска-Кочоска.
Таа открива и дека има создадено дела за самостојна изложба, која ќе бие организирана во наредниот период.
Инаку, во ова издание на програмската изложба „Цртеж – експериментален цртеж” учествуваат 13-мина уметници, покрај Жаклина Глигориевска- Кочоска и: Марија Светиева, Ангелца Стоиљковиќ, Ацо Таневски, Златко Глигоров, Јасмина Новковска, Перо Кованцалиев, Валентина Илијевска, Стефан Младеновски, Зулејха Зубери Али, Маја Танева, Ненад Тонкин и Слободан Живковски. Тие се претставуваат, главно, со по едно дело, а многу помал број со диптих.
– Годинава се пријавија помалку уметници, иако изложбата е традиционална. Сепак, и покрај проблемите со кои се соочува ДЛУМ и изборот на нов претседател кој следува, се трудиме да ги организираме сите изложби со цел за членовите да бидат задоволни. Исто така, и да ја реализираме програмата, но притоа да работиме штедливо – вели Дијана Томиќ-Радевска од ДЛУМ.
Од Друштвото на ликовни уметници посочуваат дека „цртежот е почеток на секоја идеја. Како најстара техника во уметноста, го негуваме и предизвикуваме зачувување на иницијалната идеја, а низ експерименталност сакаме да поттикнеме кон свежа мисла. Третманот на техниката цртеж е индивидуален афинитет. Употребата на традиционалните материјали и пристап на изразување го почитуваме, а секој од нас во ова современо богатство на доживувања замислува и реализира крајна слика. Во повеќето дела претставени на оваа изложба се негува цртежот со едноставните алатки и материјали, јаглен, туш, молив, фломастер, но користени се и алтернативни материјали кои формираат цртеж и излегуваат во просторот на трета димензија, рефлектирајќи цртеж“.
Љубителите на уметноста ќе може да ја разгледаат изложбата до 10 јуни. (Д.Т.)
Comments