Топлото и влажно време во Токио им пречи на тенисерите
Светскиот рекет број два, Данил Медведев, апелираше за одложен почеток на тениските мечеви на Летните олимписки игри во Токио поради врелото и влажно време, за што доби поддршка од светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ. На мечот од 3-то коло во кој противник му беше Италијанецот Фабио Фоњини, тој повторно го отвори прашањето откако побара медицински тајмаут и во неколку наврати го повика тренерот.
Во случај на екстремни временски услови, Меѓународната тениска федерација (ИТФ) дозволува 10-минутна пауза помеѓу вториот и третиот сет, па Медведев го искористи тоа време за да добие освежување.
– Уште од првиот сет не се чувствував доволно добро со дишењето. Во вториот сет имав темнина во очите, не знаев што да правам за да се чувствувам подобро. Кога ќе се наведнев не можев да го задржам здивот, така што бев подготвени само да паднам на теренот – рече Медведев.
За разлика од Медведев, кој се почувствува подобро и го заврши мечот, Шпанката Пола Бадоса се откажа. Во мечот со Чехинката Маркета Вондрусова ѝ требаше долг медицински тајмаут, но и потоа таа не можеше доволно да закрепне за да го продолжи мечот.
Comments