„Топ Ган: Маверик“ заработи 134 милиони долари во текот на првиот викенд
Том Круз можеби изведе една од најневеројатните акробации во неговата кариера – ја натера публиката да оди во кино за нешто што не вклучува суперхерои. „Топ Ган: Маверик“ заработи рекордни 134 милиони долари во 4.732 северноамерикански кина во првиот викенд од прикажувањето.
Благодарение на брилијантните критики, огромните дози носталгија и враќањето на Круз во пилотската кабина за да изведува вистински воздушни акробации како пилотот Пит Маверик Мичел, филмот ги руши сите рекорди на гледаност. Така, „Топ Ган: Маверик“ се најде на првото место со најголема заработка во 40-годишната кариера на Круз и е неговиот прв филм со над 100 милиони долари во првиот викенд.
Дејвид А. Грос, кој ја води филмската консултантска фирма „Франчајс ентертејмент рисрч“, ја нарече тридневната заработка од филмот „извонредна“.
– Оригиналниот материјал останува силен, изведбата е одлична, а Том Круз прави сè да функционира беспрекорно добро – рече тој.
И покрај безбројните одложувања (продолжението на „Топ Ган“ требаше да се прикаже летото 2020 година додека пандемијата не ги уништи тие планови), Круз беше категоричен дека „Маверик“ нема да ги следи стапките на филмови што затоа беа слабо прифатени од публиката. Двегодишното чекање веќе се исплатеше бидејќи филмот беше ентузијастички пречекан од гледачите.
Comments