Тони Стојановски и Горан Стерјов: Има зошто Македонија игра бараж за СП
- Aleksandar Santovski
- Mar 26
- 3 min read
25.03.2026 Mart Sreda
Тони Стојановски и Горан Стерјов како коментатори на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација беа непосредни сведоци и учесници кога фудбалерите обезбедија пласман на Европското првенство низ тогаш формираната Лига на нации.
Епската одјава по мечот со Грузија долго „се вртеше“ и стана своевиден репер за свесноста околу сопствените вредности. Пет години подоцна Македонија се соочува со нова шанса, по втор пат ќе игра бараж за пласман на Светско првенство
„Дерби“ побара изјави од Стојановски и Стерјов, кои овој пат ќе бидат крај малите екрани, бидејќи се одделија од МТВ и се подготвуваат да ја предводат екипата на коментатори кои ќе работат за спортскиот канал „Арена“ што треба во блиска иднина комплетно да ја локализира целата ТВ понуда на македонски јазик.
– Навистина мислам дека можеме да ја победиме Данска! Таквиот наш триумф не го гледам како сензација, туку евентуално мало изненадување. Ако го изземеме Велс, сѐ друго е добар настап на нашите играчи кој резултирал со наша победа или нерешен резултат. Македонија одигра и добри квалификации, при што со тимови над нашиот рејтинг како Белгија, го положивме испитот. Победата над Казахстан е доказ дека и ментиалитет е на соодветно ниво. Новите изненадувања, персонални промени, се надевам дека ќе резултираат со позитивни вибрации. Фактот дека Шмајхел нема да брани и дека некои други играчи нема да играат не значи ништо, Данците имаат фудбалска школа за почит. За да победиме, ние мора да бидеме најдобри од она што можеме да го понудиме. Да се бориме и да ја заслужиме среќата. Верувам дека изборот и повикувањето одредени играчи совршено се вклопуваат во визијата на новиот селектор. Имамаме алтернативни бековски решенија од она што порано го гледавме. Уште еден елемент може да биде значење, Елмас е во подобра клупска натпреварувачка форма, а од неговорто расположение и неговиот ефект на терен може многу нешта да зависат,- вели Стојановски во својата анализа.
Горан Стерјов со задоволство се присетува на позитивните емоции од повеќе мечеви во кои Македонија играла за „сѐ или ништо“, стекнувајќи искуство во такви нокаут-средби по триумфот во Лигата на нациите.
– Откако го освоивме првото место во групата, игравме бараж натпревари со Косово и Грузија, по кои се пласиравме на ЕП. На тие натпревари мислам дека Македонија не беше ни фаворит ни аутсајдер. Благодарение на тогашната генерација фудбалери, предводена од Горан Пандев, бевме во блага предност. Се играше без публика, што ни одеше во прилог, особено во Грузија. Одигравме тактички перфектно, без залетување и успеавме да постигнеме гол. Сега многу нешта се поинакви: Данска е фаворит на хартија, поединечно и екипно, играат во големи клубови, имаат големи минутажи. Новакот во селекцијата, Хок, доаѓа од Боде, клуб кој беше хит во ЛШ. Сега ќе се игра на „Паркен“, пред нивна публика. Нивна грешка е што испуштија шанса со бод против Шкотска да ја заверат визата, па сега ќе мора да играат уште две средби. Во Грузија бевме дефанзивно ориентирани, па Данците веројатно ќе го очекуваат тоа. Можеби нашата среќа лежи во тоа да ги изненадиме тактички и да пробаме први да постигнеме гол. Имаме нов селектор кој добро ги познава играчите, а со некои од нив и играл, верувам дека можат да бидат на ниво на задачата. Мојата верба се темели на можноста да ги изненадиме, па гледам на Седлоски како клучен фактор во овој натпревар,- потенцираше Стерјов.
Натпреварот се игра утре во Копенхаген со почеток од 20 часот и 45 минути.








Comments