Тони Михајловски – добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024
14.03.2024 Mart Cetvrtok
Тони Михајловски (1967), театарски и филмски актер кој над триесет години е дел од македонската култура и уметност, почитуван поради своите талент, карактеристичност и посветеност, е добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година. Вака едногласно одлучи жири-комисијата за доделување на актерската награда, во состав: Фаик Мефаиловски, претставник на Општина Велес: Благојчо Стојанов, претставник на Општина Велес и Слободанка Чичевска, актер и претставник на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Михајловски беше вработен во Македонскиот народен театар од 1994 до 1999 година откако дипломираше актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Повторно е дел од актерскиот ансамбл на Театарот од 2003 година, а во текот на 2015 година беше и негов уметнички директор. Првата улога во театарот ја оствари во 1991 г., во претставата „Крик”, во продукција на МНТ. Михајловски е, пред сè, актер, но и ТВ-водител, режисер и текстописец.
– Преку сите овие области, тој се етаблира во една од најсестраните личности во македонската култура и уметност и во секоја од нив остварува автентични, препознатливи изведби и дела, забележани и од публиката и од критиката. Преку остварените ликови, тој испишува голем дел во историјата на Театарот. Михајловски е актер што вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во една од најдоминантните појави не само на македонската туку и на балканската театарска и филмска сцена. Тој е еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и надвор од нашата домашна продукција. Актер што ѝ стана миленик на публиката од целиот Балкан, комплексна актерска личност што реализира карактерни креации без исклучок дали се главни или споредни, низ кои се препознава и надградува стилот на неговата игра: сигурноста и квалитетот на индивидуалноста на Михајловски, неговата енергија и страста кон штиците што живот значат, кон камерата и моќта да го постави и да го толкува ликот низ неговата душа. Со појавата на Тони Михајловски, театарот и филмот, како медиуми, станаа побогати, а публиката е таа што со нетрпение го исчекува секој негов нов лик, ново искуство, нова потврда на неговата актерска величина – се истакнува во образложението за наградата.
Оттаму потсетуваат и дека за неговата работа како актер доказ се и многубројните награди што ги има добивано уште од 1993 и 1994 година. Наградата „Трајко Чоревски” за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински; наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2007 г.; наградата за актер за 1997 г. на „Златна бубамара на популарноста“, наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“, за улогата на Петар Стефановски во претставата „Будење на пролетта“ во 2000 г.; наградата „Златна маска” на фестивалот „Охридско лето“, за улогата на Пер Гинт во истоимената претстава во 2001 г.; наградата за најдобар актер на фестивалот „Јоаким интерфест” во Крагуевац, Србија, во 2010 г.; наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“, за улогата на Ефрем Поплавски во претставата „Вечна куќа” во 2013, како и наградата „13 Ноември” на Град Скопје за 2022 година.
Наградата ќе му биде врачена на Михајловски на отворањето на фестивалот „5-ре“, на 20 март, на сцената на „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а во негова чест, актерите од Велешкиот театар премиерно ќе ја изведат претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов.
Наградата ја доделуваат Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Општина Велес.
コメント