top of page

Томислав Османли претставен на „Његошеви денови“

Македонскиот писател Томислав Османли се претстави на завршницата на 9. Меѓународен научен собир „Његошеви денови“, што деновиве се одржа во Тиват, Црна Гора.

„Не случајно сакам да ја прочитам оваа песна во овој град, кој е богат ареал на отвореноста, на два простора, свртен кон Венецијанците од едната и Константинопол од другата страна, кон Медитеранот воопшто. Ова е медитеранска приказна и се вика Љубов“, рече Османли пред да ја прочита својата песна на книжевната вечер која во негова чест ја водеше проф. д-р Елка Јачева – Улчар.

Делото на македонскиот писател беше претставено во малата сала на ЦЗК (Центарот за култура) во Тиват, а Улчар го истакна значењето на Османли како писател, сценарист, драматург, теоретичар за медиуми, филмски и театарски критичар и автор на првите книги за филмот и стрипот во Македонија.

Македонскиот писател беше еден од тројцата автори заедно со Александар Гаталица од Србија и хрватскиот писател Ренато Баретиќ кои на „Његошевите денови“ имаат свои авторски претставувања.

Инаку, на Меѓународниот научен собир „Његошеви денови“ учествуваа и повеќе македонски научници, македонисти како Јасмина Мојсиева-Гушева, Елка Јачева-Улчар, Ангелина Бановиќ-Марковска, Иван Антоновски, Луси Караниколова-Чочоровска, Марина Даниловска, Марина Спасовска, Звонко Танески, Васко Шутаров, Трајче Стамески, а се претстави и книжевното дело и личноста на македонскиот литературен и лингвистички корифеј, академик Блаже Конески.


 
 
 

Comments


bottom of page