Томас Милер – крал на асистенциите и тренер на теренот
ФУДБАЛ
Тој има извонредни квалитети и е еден од најтешките фудбалери за кого треба да се подготвувате како противник. Едноставно не можете да го чувате, бидејќи има неверојатно чувство за просторот. Едноставно е брилијантен, ја гледа ситуацијата пет секунди пред да се случи, вели тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, за Милер, кој забележа 24 асистенции на 36 првенствени меча во 2021 година, најмногу во петте најдобри лиги во Европа
Напаѓачот на Баерн, Томас Милер, забележа 24 асистенции на 36 првенствени средби во 2021 година, повеќе од кој било друг фудбалер во петте најдобри лиги во Европа. На тие асистенции треба да се додадат и 10-те гола во германската Бундес-лига во 2021 година. Ако мечевите се поделат на делови од по 15 минути, најслабите периоди на Милер му се воведните 15 минути, со две асистенции и последните 15, со една. Од 16-та до 30-та минута има шест, од 31-та до 45-та седум, од 46-та до 60-та пет и од 61-та до 75-та минута три. Милер беше крал на асистенциите во Бундес-лигата во изминатите две сезони, поставувајќи нов рекорд во сезоната 2020/2021 со 21, откако имаше 18 во претходната кампања. Во сезоната 2021/2022, тој веќе има 13 асистенции, што е нов рекорд во лигата за првата половина од сезоната откако почна деталното собирање податоци во 1992 година. Токму таа постојаност го издвојува Милер од другите играчи. Во целата 2021 година, тој никогаш не одиграл повеќе од три натпревари без да асистира. Помеѓу 13 март и 20 април, на пет натпревари по ред забележа шест асистенции. Сезонава, имаше речиси совршена серија помеѓу осмото и 17-то коло (освен во 15-то) кога асистираше 11 пати.
– Тој има извонредни квалитети и е еден од најтешките фудбалери за кого треба да се подготвувате како противник. Едноставно не можете да го чувате, бидејќи има неверојатно чувство за просторот – вели тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, потсетувајќи се на времето кога се обидуваше да најде решенија за Милер додека беше на клупата на Хофенхајм и на Лајпциг.
Клучниот збор е простор. Милер игра на позицијата зад најистурениот, Роберт Левандовски, во формација 4-2-3-1. Но има дозвола да „шета“ слободно низ просторот и да бара области каде што ќе може да им наштети на противниците. Од неговите 24 асистенции во лигата, шест беа од позиција на десно крило, четири од лево крило и 14 од централните позиции. Вкупно имаше 16 асистенции со десната нога, шест со левата и две со глава. Осум асистенции во гол претвори Левандовски, четири Серж Гнабри, по три Џамал Мусиала, Леон Горецка и Лерој Сане, две Кингсли Коман и една Дајот Упамекано.
Што го мотивира Милер? Колку и да звучи чудно, тој едноставно сака да игра фудбал. – Најпријатното нешто е да постигнувате голови. Кога имате способност во тимот и чувствувате дека можете да создавате шанси за гол на соиграчите, тогаш не сакате да застанете. Затоа секогаш сакаме да постигнеме гол, потоа уште еден, па уште еден. Ханси Флик го бараше тоа од нас, Нагелсман, исто така, е тренер што сака напаѓачки фудбал – вели Милер.
Нагелсман неодамна истакна уште една особина што го прави Милер фантастичен, а тоа е читањето на играта и чувството на исчекување. – Тој е одличен фудбалер, има одличен менталитет. Тој е многу, многу умен и е како тренер на теренот. Препознава различни ситуации, како да решава различни проблеми. Се обидува да ги убеди играчите да напаѓаат на ист начин како тој. Едноставно е брилијантен, ја гледа ситуацијата пет секунди пред да се случи – изјави Нагелсман по мечот против Волфсбург во 17-то коло, на кој Милер го одигра 400-от натпревар во Бундес-лигата.
Comments