top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Тоа беше детски сон, никогаш не се откажав“

КАРИМ БЕНЗЕМА ЈА ОСВОИ НАГРАДАТА „ЗЛАТНА ТОПКА“ ЗА ФУДБАЛЕР НА ГОДИНАТА

Оваа награда ме прави навистина горд. Кога бев мал, тоа беше детски сон, никогаш не се откажав. Сѐ е можно. Навистина сум горд на моето патување дотука. Не беше лесно, тоа беше тешко време и за моето семејство, изјави Карим Бензема, напаѓачот на шпански Реал Мадрид и на репрезентацијата на Франција, кој првпат ја освои традиционалната награда „Златна топка“ за најдобриот фудбалер на годината, во организација на францускиот магазин „Франс фудбал“, пишува „Би-би-си“. Алексија Путелјас од Барселона ја задржа „Златната топка“ за најдобра фудбалерка, освоена лани. Шампионот во Премиер-лигата, Манчестер сити, беше прогласен за клуб на годината, пред Ливерпул. Трофејот „Лев Јашин“ за најдобар голман го доби Тибо Куртоа од Реал Мадрид, во таа трка Алисон Бекер од Ливерпул беше втор, а Едерсон од Манчестер сити трет. Трофејот „Рајмонд Копа“, доделен на најдобриот фудбалер до 21 година, му припадна на играчот од средниот ред на Барселона и Шпанија, Гави, кој во август наполни 18 години. Фудбалерот на Барселона Роберт Левандовски го освои трофејот „Герд Милер“, доделен на најдобриот напаѓач откако постигна 57 гола за Баерн и за Полска во сезоната 2021/2022. Инаугуративната награда „Сократес“, хуманитарна награда, му припадна на Мане за неговата добротворна работа. Бензема постигна 44 гола на 46 натпревари и му помогна на Реал Мадрид да ги освои Лигата на шампионите и домашната титула во сезоната 2021/2022. Садио Мане од Баерн, кој играше за Ливерпул во сезоната 2021/2022 е втор, пред играчот на Манчестер сити, Кевин де Брујне. „Златната топка“ му се доделува на најдобриот фудбалер на годината, првпат врз основа на перформансите во сезоната, во случајов 2021/2022. За наградата, првпат доделена во 1956 година, гласаат 100 новинари од целиот свет. Бензема е петтиот Французин што ја освоил престижната награда по Рајмонд Копа, Мишел Платини, Жан-Пјер Папен и Зинедин Зидан. Неговите 44 гола вклучуваат хет-трик за 17 минути во второто полувреме против Пари сен Жермен во Лигата на шампионите и уште еден на гостувањето кај Челси во првиот четвртфинален натпревар. Тој, исто така, постигна уште три гола на двата полуфинални натпревари со Манчестер сити. Бензема годинава ги доби и наградите за фудбалер на сезоната 2021/2022 во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА) и за најдобар фудбалер (МВП) во Лигата на шампионите за сезоната 2021/2022.

НАЈМНОГУ ТРОФЕИ

Лионел Меси (Аргентина) 7 Кристијано Роналдо (Португалија) 5 Мишел Платини (Франција) 3 Јохан Кројф (Холандија) 3 Марко ван Бастен (Холандија) 3 Франц Бекенбауер (Германија) 2 Роналдо (Бразил) 2 Алфредо ди Стефано (Шпанија) 2 Кевин Киген (Англија) 2 Карл-Хајнц Румениге (Германија) 2

НАГРАДИ НА „ФРАНС ФУДБАЛ“ ЗА 2022 ГОДИНА

„Златна топка“ за најдобар фудбалер Карим Бензема „Златна топка“ за најдобра фудбалерка Алексија Путелјас „Рајмонд Копа“ за најдобар млад фудбалер Гави „Лев Јашин“ за најдобар голман Тибо Куртоа „Герд Милер“ за најдобар стрелец Роберт Левандовски Најдобар клуб Манчестер сити „Сократес“, за општествени и добротворни проекти Садио Мане


1 view

Comments


bottom of page