Титулата за Германецот Матијас Блубаум
Updated: Apr 12, 2022
08.04.2022 April Petok
ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески (2.374 рејтинг-поени, рангиран на 177-то место пред почетокот на ЕП) e најуспешниот македонски претставник на 22. Европско првенство (ЕП) во Брежице, Словенија, меѓу 317 шахисти (114 ВМ) од 40 држави. По 11 кола, членот на Гамбит Асеко СЕЕ (кој играше дури со седум ВМ) го освои 153-то место (делба на 142.-177. м.), со 5,5 поени (две победи, седум ремија и два пораза), но нови 16,8 р. поени и оствари играчки перформанс од 2.434 р. поени. Најзначајно за надежниот млад репрезентативец (18) е што по турнирот во Аранѓеловац во девет кола (2021), овде ја освои и втората норма (бал) за ИМ, но од 10 кола, и ќе му треба уште една норма за конечно да стане ИМ. Во 11. коло, Ристески ремизира со Полјакот Анджеј Кжувда (2.152). Последен титула ИМ освои Тони Лазов (2019). И во 11. коло никој од македонските петмина шахисти не загуби. Антон Златков (2.081) ремизира со Хрватот Марко Рубил (2.293), Филип Михов (2.255) го надигра Хрватот Дамјан Хорват (2.145), ФМ Роберт Велески (2.136) го победи Израелецот Давид Гершкович (2.233), додека Хедон Мифтари (1.987) ремизира со Словенецот Матиц Лавренчич (2.159). Според дополнителниот критериум, Златков го освои 233. место (но и најмногу нови р. поени, 19,8), Михов 238. место, Велески 243. место сите со по 4,5 поени, а Мифтари со четири поени е 274-ти. Нов европски првак е ВМ од Германија, Матијас Блубаум (2.642, рангиран на 20-то место), со 8,5 поени, колку што имаше и ВМ од Ерменија, Габриел Саргисјан, 2.681, рангиран на седмото место), но со послаб дополнителен критериум, а трет е хрватскиот ВМ Иван Шариќ (2.687, рангиран на четврто место), со осум поени. Г.И.
Comments