Тинејџерот Антонели победи на „Сузука“ и го презеде врвот во Формула 1!
- Aleksandar Santovski
- 4 days ago
- 1 min read
30.03.2026 Mart Ponedelnik
Тинејџерот на Мерцедес, Кими Андреа Антонели победи на третата трка на календарот во Формула 1. Италијанецот беше најбрз на трката за Големата награда на Јапонија и со тоа го презеде врвот во поредокот пред принудната пауза од пет седмици.
Антонели имаше катастрофален старт, иако почна од пол-позицијата. Веднаш на стартот падна дури до седмото место, па мораше да се пробива низ поредокот. Добро почнаа Оскар Пиастри и Шарл Леклер кои скокнаа пред двата болиди на Мерцедес, а на крајот завршија и на подиумот. Клучниот момент на трката се случи некаде околу дваесеттиот круг кога дел од возачите веќе променија гуми, а Оли Берман излета и предизвика безбедносно возило. Од тоа најмногу профитираше Антонели и на крајот изби на врвот и стигна до убедлива победа.
Второто место му припадна на Пиастри кој доцнеше цели 14 секунди. Австралиецот не беше загрозен од конкуренцијата, иако Леклер заврши секунда и половина зад него. Возачот на Ферари едвај го издржа налетот на Џорџ Расел за последното место на подиумот. Зад нив следуваа уште двајца Британци, Ландо Норис и Луис Хамилтон, а во топ десет беа уште Пјер Гасли, Макс Верстапен, Лиам Лосон и Естебан Окон.
Во поредокот Антонели скокна со 72 бода на врвот, а Џорџ Расел е втор со 63. Оваа предност Италијанецот ќе ја има најмалку пет седмици, бидејќи во април се откажани двете трки на Блискиот Исток во Бахреин и Саудиска Арабија, па следната е на 3 мај во Мајами.






Comments