top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Тинејџерката Радукану испиша историја во Њујорк

ТЕНИС – СО ОСВОЕНАТА ТИТУЛА НА САД ОПЕН

Тениска тинејџерка Ема Радукану стави крај на 44-годишното чекање на Велика Британија за женска шампионка на гранслем-турнирите во поединечна конкуренција, откако во финалето на турнирот во Њујорк ја победи Канаѓанката Лејла Фернандез со 6-4, 6-3 во сетови и ја освои титулата на САД опен. На трибините на тенискиот стадион „Артур Еш“, Радукану беше бодрена од Вирџинија Вејд, претходната Британка што освоила гранслем-трофеј, на Вимблдон во 1977 година, пишува „Би-би-си“. Со овој триумф, 18-годишната Британка, која на турнирот влезе како 150-та на ВТА-листата, стана првата британска победничка на САД опен по Вејд во 1968 година, првата тенисерка во опен-ерата (од 1969 година) што како квалификант стигна до финале и освои трофеј, најмладиот женски шампион на гранслем-турнири по Марија Шарапова, која со 17 години и 75 дена во 2004 го освои турнирот во Вимблдон. Таа е и првата тенисерка по Серена Вилијамс во 2014 што стигнала до титула без загубен сет. Годинашното финале на САД опен, освен што е посебно по тоа што во него играа две тинејџерки, посебно е и затоа што првпат во него играа две тенисерки што не беа носителки.

– Да се држи овој трофеј во раце ми значи сѐ и не сакам да го пуштам ни за момент. Отсекогаш сонував да освојам гранслем-турнир. Верувајте, го сторив тоа и уште не можам да поверувам. Првпат почнав кога бев девојче, но мислам дека најголемата работа за која имате визии е победничкиот момент, да славите со својот тим. Тоа ми се вртеше во главата, неколку ноќи. Со тоа заспивав – изјави Радукану во видеоизјава за „Амазон прајм“, која ја пренесе „Би-би-си“. Радукану за освојувањето на турнирот доби 2,5 милиони долари и ќе се искачи на 23-та позиција на светската ВТА-листа и стана британска тенисерка број еден. Пред две недели, Радукану резервира авионски лет за враќање во Велика Британија, во случај да не ги помине квалификациите во Њујорк, а 17 дена подоцна, таа го освои трофејот пред публика што беше одушевена од нејзината доминација во сите 10 одиграни меча, а посебно во дуелите со олимписката шампионка Белинда Бенчиќ. Нејзината ривалка, 19-годишната Фернандез, која е 73-та тенисерка во светот, исто така, имаше импресивно патување до финалето, елиминирајќи три тенисерки што се меѓу најдобрите 10 на ВТА-листата, Арина Сабаленка (втора на ВТА), Наоми Осака (трета) и Елина Свитолина (петта).


1 view

Comments


bottom of page