top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Тимоти Ридаут од Велика Британија гостин на Филхармонијата

Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Зимски соништа“. Како солист настапува виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виола во Е-мол, оп. 85 (транскрипција од Kонцертот за виолончело) од Едвард Елгар и Симфонијата број 1 „Зимски соништа“ од П.И. Чајковски. Сер Едвард Елгар (1857-1934) е еден од најзначајните британски композитори и еден од водечките европски композитори од неговата генерација. Иако се детерминира како типичен англиски композитор, неговите главни музички влијанија доаѓаат од континентална Европа. Шуман, Брамс, Лист, Вагнер и Штраус биле композиторите во кои наоѓал инспирација за своите дела. Концертот за виолончело и оркестар е едно од последните големи оркестарски дела на Елгар. Фактот што го завршил по Првата светска војна, кога бил во финансиски тешкотии и со нарушено здравје, се одразил и во атмосферата и музичката структура на ова дело, кое се разликува од неговите претходни композиции. Првата симфонија на Чајковски е едно од најзначајните дела во симфониската приказна на 19 век, оригинална во секој контекст, различна од сѐ што било напишано пред неа. Со неа го маркирал тлото на кое потоа ќе ги трасира и другите негови симфониски дела, во кои ќе продолжи да ги тестира границите на оркестарскиот звук. Покрај исклучителното место што го има во историјата на музиката, таа, наедно, е и една од најмаркантните први напишани симфонии. „Зимска приказна“ е првата симфониска музичка приказна на големиот руски композитор со која на фантастичен начин го најавил својот потентен оркестарски опус.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент, кој прави нештата да се случуваат, напиша критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Тимоти Ридаут (1995) е еден од водечките млади солисти на светската музичка сцена. Тој е уметник на новата генерација на Би-би-си од 2019 година, a неговите концертни ангажмани оваа сезона вклучуваат настапи со оркестрите во Берлин, Бордо, Салцбург, Симфонискиот оркестар на Би-би-си… Настапувал со диригенти како Давид Цинман, Силвијан Кембрелинг, сер Андреас Шиф… Го нарекуваат виолист чиј тон не може да биде посигурен и чиј музички инстинкт инспирира самодоверба на секое можно ниво, млад изведувач чија изведба се одликува со солиден тон, совршена интонација, солидна техника и харизма, но и еден од најдобрите млади виолисти, кој постојано воодушевува со своите возбудливи вибрато-тонови и талент чија кариера со сигурност ќе биде успешна.


0 views

Comments


bottom of page