Тимот на Парондо немилосрден: Вардар настрада на гостувањето кај Мелсунген
15.10.2024 Oktomvri Vtornik
Вардар успешно ја почна својата нова европска одисеја и на домашен терен славеше над Валур, но второто коло во ЕХФ Европската лига донесе соочување со реалноста за двократниот првак во Лигата на шампиони.
Роберто Парондо како поранешен тренер на Вардар се покажа како навистина немилосрден домаќин оваа вечер, бидејќи неговиот Мелсунген апсолутно го надигра македонскиот претставник кој настрада во спортска смисла во Германија.
Фаворитот го наметна темпото уште во воведот од мечот и стана јасно дека Вардар ќе има тешка ракометна вечер, па по почетните 17:10 на паузата, разликата само се зголемуваше во вторите 30 минути.
Мелсуген продолжи во брутално темпо на стартот на вториот дел и со серија од 4:0 стигна до превисоки 21:10, а тоа значеше дека уште во оваа фаза мечот е завршен.
Вардаровите ракометари не можеа да го пратат темпото во продолжение и целосно им падна концентрацијата поради големата негатива, па на крајот претрпеа тежок пораз изразен со 16 голови разлика (34:18).
Вардар ќе има тежок предизвик и во следното коло во Европската Лига на ЕХФ, бидејќи гостин во Скопје ќе биде екипата на Порто.
Comments