Тери: Знам зошто Лукаку се врати во Челси
Ромелу Лукаку вчера и официјално го облече синиот дрес на Челси по вторпат во кариерата и направи бомбастичен кам-бек на „Стемфорд Бриџ“, операција која го чини Роман Абрамович точно 115 милиони евра.
Иако Интер немаше желба да го продаде својот најдобар играч, желбата на напаѓачот да се врати во Челси ја направи пресудната разлика во целата зделка, а во пресрет на неговата втора авантура во Лондон, постојано пристигнуваат реакции од играчи кои во минатото беа клучни во првиот тим на „сините“.
Џон Тери го одобри враќањето на Лукаку и се обиде да образложи зошто сега работата ќе биде многу поинаква за него, особено после двете извонредни сезони кои ги имаше во дресот на Интер.
– Знам зошто Лукаку се врати во Челси. Сметам дека тој има незавршена работа во Челси и тој сигурно го мисли истото. Кога првпат дојде во клубот, тука беа Кевин Де Брујне, Мо Салах. Тие беа сите млади, но истовремено му беа голема конкуренција. Лукаку пред себе го имаше Дидие Дрогба, а тешко беше да добие шанса пред него. Дидие беше еден од најдобрите напаѓачи во светот.
– Лукаку растеше во изминативе години како играч, не се плашеше од секој нов предизвик, отиде и во друга земја за да научи нова култура. Сега е покомплетен фудбалер и убеден сум дека ќе биде голем плус за тимот. Сигурен сум дека ќе постигне измеѓу 20 и 25 гола, – порача Тери во интервјуто за „Астро СуперСпорт“.
Comments