top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Тенорот Благој Нацоски со концертен маратон и премиера во Скопје

„Со делото ‘An die Musik’, односно ‘На музиката’ на Шуберт, денеска (15 декември) со македонската Филхармонија започнува мојот дел од програмата“, вели Нацоски како најава за концертот насловен „Сафи“, кој утревечер (20 часот), ќе се одржи во Филхармонијата. Нацоски ќе настапи како солист заедно со пијанистот Лука Чамаруги од Италија, со кој ќе одржи и камерен концерт на 16 декември во Филхармонија. На 17 декември (20 часот), пак, ќе настапи и како солист на операта, во популарната сценска кантата „Кармина Бурана“ во МОБ

Македонската публика деновиве ќе има можност да ужива во настапот на нашиот реномиран и светски познат тенор со интернационална кариера, Благој Нацоски, кој во Скопје ќе има два концерта во македонската Филхармонија, а ќе настапи и во Македонската опера и балет.

„Со делото ‘An die Musik’, односно ‘На музиката’ на Шуберт денеска (15 декември) со македонската Филхармонија започнува мојот дел од програмата. За првпат истото ќе го пеам со оркестар, а тоа важи и за останатите седум дела. Сите ќе доживеат македонска премиера со оркестар“, вели Нацоски како најава за концертот насловен „Сафи“, кој на 15 декември (20 часот), ќе се одржи во Филхармонијата. Со оркестарот на Филхармонија тој ќе настапи како солист заедно со пијанистот Лука Чамаруги од Италија. Диригент е Виктор Митревски, а на програмата се увертирата од операта „Така прават сите“ и Концертот за пијано и оркестар бр. 18 од Волфганг Амадеус Моцарт, Соло песни за тенор и оркестар од Франц Шуберт, како и песни од циклусот „Волшебната хорна на момчето“ од Густав Малер.

Нашиот оперски пејач Благој Нацоски со пијанистот Лука Чамаруги, на 16 декември, во Филхармонија ќе одржат и камерен концерт насловен „Меѓа“, на кој во рамките на програмата „Убавата воденичарка”, на Франц Шуберт, ќе има македонска премиера.

Концертот е поддржан од Италијанската амбасада во Скопје и од италијанскиот Институт за култура од Белград. Инаку, во 2020 година излезе книгата на Лука Чамаруги, кој е и музиколог, посветена на Франц Шуберт. Со нашиот тенор Благој Нацоски, тој во 2020 година го изведе вокалниот циклус „Убавата воденичарка“ на лајфстрим на фестивалот „Витербо ин музика“.

Нацоски на 17 декември (20 ч), пак, ќе настапи и како солист на операта, во популарната сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, заедно со Катерина Стојановска и Нико Ѓоргиевски.

Инаку, како што вели самиот Нацоски, уште од септември наваму периодот му е навистина „бурен”.

„Настапив во светската премиера на операта ‘Сега е мрак, прашајте’ во главната тенорска улога во театарот „Верди“ во Сасари. Потоа следуваше рецитал во Милано, односно циклусот ‘Зимско патување’ од Шуберт. Целиот месец октомври го поминав во театарот ’Масимо’ во Палермо, со операта ‘Набуко’, додека во ноември настапив во Операта во Тенерифе со ‘Бал под маски’, и тоа до крајот на месецот. Декември ми започна со уште едно ‘Зимско патување’ и тоа во Сиена, а непосредно пред доаѓањето во Скопје настапив во операта ‘Боеми’ од Леонкавало во Катанија”, вели за весникот ВЕЧЕР Нацоски.

Тој за оваа година не застанува тука. Веднаш по настапите пред македонската публика, продолжува со изведби во Италија

„По малиот маратон во Скопје одам за Трст за уште едно ‘Зимско патување’ од Шуберт, па потоа на 27 декември ќе настапам на концерт за мир во Беневенто“, додава Нацоски. (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page