ТЕНИС – ТУРНИР ВО АВСТРИЈА Петта титула за Ивановски
Калин Ивановски (19) ја освои својата петта тениска титула во поединечна конкуренција, откако вчера триумфира на турнирот во Крамзах (Австрија), кој се играше на земјена подлога, за вкупен награден фонд од 25.000 долари. Македонскиот репрезентативец, кој беше втор носител на турнирот, во финалето го совлада Џерард Кампана Ли од Јужна Кореја, со 6-2, 6-2, за еден час и осум минути игра.
Ивановски на финалниот дуел имаше четири аса, не направи ниту една двојна сервис-грешка, имаше 88 отсто освоени поени на прв сервис, не дозволи противникот да има ниту еден брејк-поен… Ивановски на турнирот вкупно загуби само еден сет, и тоа во полуфиналето, на дуелот со Матијс Ерхард од Франција, кој победи со 4-6, 6-2, 6-2, а во првите три кола славеше со по 2-0 во сетови.
Претходно годинава Ивановски победи на турнирот во Скопје (земјена подлога, 25.000 долари вкупен награден фонд), а лани ги освои титулите на турнирите на тврда подлога во Мадрид (Шпанија, 25.000), Хераклион (Грција, 15.000) и во Монастир (Тунис, 15.000), според податоците на Интернационалната тениска федерација (ИТФ). Македонскиот тенисер годинава славеше и во игра на двојки, на турнирот на земјена подлога во Куршумлиска Бања (Србија). Н.М.
Comments