top of page

Темелковски: Не е тајна дека Вардар е фаворит, ќе пробаме да го изненадиме

Репрезентативната пауза заврши, а со тоа продолжуваат возбудувањата во Суперлигата. Пролет попладнево се враќа во натпреварувачки ритам со дуелот на домашен терен против екипата на Вардар 1961.

Дуелот со „црвено-црните“ доаѓа во тежок момент за Пролет поради отсуството на неколку искусни првотимци, па тренерот Илија Темелковски се соочува со сериозен предизвик, да состави тим што би можел солидно да му парира на Вардар на денешниот дуел.

„Не е тајна дека Вардар е фаворит, говориме за тим кој е составен од квалитетни ракометари кои играат на највисоко ниво оваа натпреварувачка сезона. Илузорно е да кажеме дека ќе ги изненадиме, ние дефинитивно ќе се обидеме да го сториме тоа, но со оглед на отсуствата на дел од играчите шансите за тоа се навистина минимални. Не велам дека ќе се откажеме, наша цел е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме, да му парираме на противникот што подолг период. Клучно ќе биде да не губиме топки во нападот и да дозволуваме лесни голови на спротивната страна, да одиграме добро и дисциплинирано, како во нападот, така и во одбраната“, изјави Темелковски, кој по триумфот во Прилеп денеска повторно ќе го води тимот на Пролет.

Пролет, по заминувањето на Лембанов, го назначи искусниот Илија Темелковски за привремено решение и сè уште е во потрага по нов кормилар на тимот.


 
 
 

Comments


bottom of page