Телескопот „Кеплер“ откри планета слична на Јупитер
Updated: Apr 12, 2022
11.04.2022 April Ponedelnik
Телескопот „Кеплер“ на американската вселенска агенција НАСА откри нова планета, иако неговите операции беа прекинати пред четири години.
Меѓународен тим астрофизичари со помош на телескопот „Кеплер“ на НАСА, кој престана да работи во 2018 година, открија егзопланета слична на Јупитер, која е оддалечена 17.000 светлосни години од Земјата. Тоа значи дека тоа е најоддалечената егзопланета што „Кеплер“ некогаш ја пронашол. За време на неговото функционирање, телескопот пронашол повеќе од 2.700 потврдени планети.
– „Кеплер“ може да функционира без оглед на времето или во кој било дел од денот, а тоа ни помогна точно да ги одредиме масата на егзопланетата и нејзината орбитална оддалеченост од нејзината ѕвезда. Тоа е, всушност, идентичен близнак на Јупитер кога станува збор за масата и положбата во однос на сонцето, чија маса е околу 60 проценти од масата на нашето Сонце – вели Имон Керинс, астроном од Универзитетот во Манчестер во Велика Британија.
Астрономите се возбудени поради откривањето на новата егзопланета, особено поради фактот што „Кеплер“ не е во функција долго време и дека не е дизајниран да открива планети со помош на микролеќи. Инаку, мисијата на „Кеплер“ беше продолжена неколкупати, а тој конечно остана без гориво на 30 октомври 2018 година.
Сепак, НАСА го подготвува вселенскиот телескоп „Ненси Грејс Роман“, кој ќе може да користи микролеќи за проучување егзопланети, а ист е случајот и со мисијата „Јуклид“ што ја планира Европската вселенска агенција. Овие мисии ќе ја продолжат работата на „Кеплер“ и ќе понудат нови сознанија за нашиот Сончев Систем и можност за тестирање идеи за тоа како се формираат планетите. Тоа, всушност, ќе биде почеток на ново возбудливо поглавје во потрага по други светови.
Comments