top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Театарскиот хип-хоп проект „Црнила ремикс“ на фестивалот „Нишвил“

Театарскиот хип-хоп проект на МКЦ Скопје – „Црнила ремикс“ е дел од официјалната селекција на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, кој од 5 до 9 август ќе се одржува во Ниш, Србија, на сцените во Нишката тврдина. Во рамки на „Нишвил џез-фестивал“ од 2017 година, како посебна програмска целина, постои Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, на кој оваа година ќе бидат прикажани продукции од Франција, Швајцарија, Србија, САД, Хрватска, Бугарија и од Македонија.

Програмската селекција на овој фестивал е базирана на продукции што ја користат музиката како еден од главните драмски елементи во креирањето на самата претстава, а целата програма се прикажува исклучиво на отворени сцени низ градот.

– Ќе погледнеме и многу мали трупи како француската „Les Nouveaux Ballets du Nord-Pas de Calais“ од Лил, која ги комбинира техниките на театарот, кукларството и танцот, или, пак, хрватската трупа „CIrk“ од Загреб, која спојува театар, филм, циркус и визуелни уметности или вашата „Црнила ремикс“, која ни доаѓа како претстава концерт. Тука се и најдолговечните Мимарт театар (1984) – танцов и физички театар и Дах театар (1991) – лабораториски театар поврзан со работата на Јержиј Гротовски и на Еуџенио Барба, па сè до светски познатата театарска трупа „Ла Мама“ од Њујорк (1961), која ја негува работата на експерименталниот театар – потенцираше Маја Митиќ, уметнички директор и селектор на „Нишвил меѓународен џез театар фестивал“.

Со гостувањата на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад и во клубот „Мочвара“ во Загреб, во 2019 година, „Црнила ремикс“ ги започна своите меѓународни активности, а проектот беше дел и од хибридната меѓународна програмска соработка реализирана за време на пандемијата во 2020 година меѓу МКЦ и Кино Шишка од Љубљана – Cross Stream.

За потсетување, „Црнила ремикс“ е урбано читање на класичното дело на Коле Чашуле, работено по идеја и режија на Јордан Симонов, со оригинален препев и музика на Дарко Димитриески и Павле Димковски од колективот „Зад аголот“. Членови на организацијата се: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски-Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски. Оваа музичко- драмска продукција имаше свои премиери во 2019 г., на меѓународниот театарскиот фестивал МОТ и на музичкиот фестивал „Здраво, млади“, а покрај театарска и концертна верзија, овој проект во 2020 г. го доби и својот трет формат – аудиозапис на винил.



1 view

Comments


bottom of page