„Театарски европски алтернативи” со работилници и мастер- класови за режисери и актери
25.08.2021 Avgust Sreda
Интернационалниот фестивал „Театарски европски алтернативи” организира работилници и мастер- класови за режисери и актери. Работилниците се поврзани со алтернативниот театар како метод на работа. За да бидат дел од работилниците и мастер-класовите, потребно е учесниците и учесничките претходно да аплицираат. Оваа година ќе се одржат две работилници и еден мастер-клас.
Првата работилница под името ДВИЖЕЊЕ – ГРАДЕЊЕ ЛИК СО ФИЗИЧКИ ТЕАТАР ќе ја води Моник Масиус од Холандија која студирала театар и филм на холандски универзитет, работела за многу театари и театарски трупи завршувајќи на раководните позиции на бројни институции и организации од културата и надвор од културата во Холандија, Германија, Финска, Италија, Чешка и Полска. Оваа работилница ќе ги обработува техниките на Рудолф фон Лабан. Наменета е за актери, режисери, танчери и сите што се поврзани со движења, танци и физички театар.
Втората работилница под името ЕМОТИВНА СВЕСНОСТ ПРЕКУ ТЕЛОТО ќе ја води Зејнеп Нутку, актерка од Турција која дипломирала на Универзитетот Douz Eylül во Измир, каде ги завршува и своите магистерски и докторски студии на тема Говорна анатомија и корелација на телото. Денес е професор по актерска игра, говор и сценски движења.
Мастер класот под името НЕ Е СÈ ВО ПАРИТЕ, ќе биде предводен од актерката Дамјана Черне која е дел од ансаблот на Словенечкиот младински театар. Покрај ангажраноста во овој театар, Дамјана во текот на својата кариера била дел од многу вонинституционални проекти и групи, оставила голем печат во словенечкиот театар, меѓу кои, на пример, во познатиот театар „КПГТ“, а исто така и театарот „Глеј“; „Кореодрама“ во соработка со режисерот Драган Живадинов. Мастер класот е наменет за сите театарски работници поврзани со алтернативниот театар под мотото – “Денес културата се соочува со големи непогоди и, следствено, помало финансирање и полоши услови. Сепак, кога има волја, постои и начин и не, нема да бидеме замолчени!”
Сите работилници ќе се одржуваат онлајн за време на фестивалот на англиски јазик. Бројот на учесници за сите три работилници е ограничен, а повеќе информации околу одржувањето и начинот на аплицирање можете да прочитате на следниот линк.РАБОТИЛНИЦИ/МАСТЕР-КЛАС
Comments