Театар „Сенки и облаци” настапија пред публиката во Москва
„Алиса и чудата” e претставата која Театар „Сенки и облаци” гордо ја изведе пред московската публика. На сцената на Московскиот детски театар на сенки (Московский Детский Театр Теней), единствениот руски професионален државен театар за сенки кој постои дури 80 години, од 12 до 15 ноември се одржа 3-тиот Меѓународен фестивал на сенки. Фестивалот беше отворен со спектаклот „Никогаш ненапишана приказна” посветен на 200-годишнината од раѓањето на Фјодор Михајлович Достоевски.
Обете изведби на „Алиса и чудата” поминаа одлично, со полна сала публика, меѓу кои имаше и деца и ворзасни, а за гостувањето се огласи и руската театарска критика.
– Театарот од Македонија ја претставува магичната земја на чудата, измислена од Луис Керол, како простор на сенки во кој актерите и куклите дејствуваат подеднакво. Просторот е длабок и подвижен, па дури и одеднаш, и покрај сите алогизми, станува разбирлив, тогаш со текот на времето сè не е толку едноставно – туку се забрзува, па замрзнува – напиша Алексеј Гончаренко.
Учеството на театар „Сенки и облаци” одекна и во руските медиуми „Вечерная Москва”, „Журнал Театр”, „Театрон”, „АртМосковия”, „Театрал” како и „Руската новинска агенција ТАСС”, кои објавија свои текстови за театарското гостување. Гостувањето на претставата ”Алиса и чудата” во руската престолнина е поддржано од Министерството за Култура на РСМ.
Традиционално во ноември се одржуваше и „Сонот на облачето” интернационален детски фестивал на театар на сенки, чие јубилејно 10-то издание организаторот театар „Сенки и облаци” го најавува за пролетта 2022 година. Ова е најстариот театарски фестивал за деца во нашата држава и единствен од ваков тип во југоситочна Европа.
Comments