top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ТВ-серија за првата дама на некогашна Југославија

Updated: Sep 23, 2021

22.09.2021 Septemvri Sreda

Од смртта на Јованка Броз поминаа осум, а од раѓањето 97 години, но интересот за животната приказна на најблискиот сведок на владеењето на Јосип Броз Тито (1892-1980) не стивнува. Едни сметаат дека таа имала големо влијание на неговите одлуки, а според други нејзината улога на ова поле била занемарлива. Не е мал бројот ниту на оние што во прв план ја ставаат љубовната приказна на Тито и Јованка. Но факт е дека таа никогаш не била во сенката на својот авторитативен сопруг. Со него, рака под рака, била дел од општествено-политичките настани и дипломатски средби, гордо давајќи им на сите до знаење, дека, ете, иако била сиромашна девојка од едно личко село, успеала да стане некој вид југословенска верзија на Жаклина-Џеки Кенеди. Радио-телевизија Србија во понеделникот премиерно ја прикажа првата од вкупно 10 епизоди на играно-документарна серија „Јованка и тајните служби“, која говори за центрите на моќ и политичките интриги во кои била вмешана и првата дама и за фактот дека највисоките функционери на бившата држава имале многу работи против неа. Серијата ги следи најважните настани од животот на Јованка Броз, од доаѓањето во Белиот дворец, мажењето, до недоразбирањата, судирите, обвиненијата, разделувањата од Тито, па сѐ до изолацијата и животот во нехумани услови. Со неполни 17 години таа пристапува во СКОЈ и во партизанското движење во Лика. Двапати била ранета, но без потешки последици. Пред крајот на Втората светска војна станува комесарка на Интерната болница во Дрвар, потоа и на Хируршката болница на Првата армија, а по војната работи во главниот штаб на ЈА во Белград, па во Ниш. Во 1945 г. управува со кабинетот на маршалот, а била членка и на Титовата лична гарда, направена по углед на Сталиновата и гардата на кралот Александар. Сценариото е на Светко Ковач, режијата ја потпишува Недељко Ковачиќ, а двете главни глумици што го оживеаја нејзиниот лик се Снежана Савиќ, која ја игра постарата Јованка, и Милица Томашевиќ, која ја глуми младата прва дама. Ликот на Тито го оживува Небојша Дуганиќ, Стане Доланц, пак, го игра Драган Вуиќ, а Александар Ранковиќ го глуми Гордан Кичиќ, додека Светозар Цветковиќ е Владимир Бакариќ.

Енигмата на првата дама

Последните години од живот, Јованка ги мина во спротивност на целото изобилство што го следеше доживотниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, а почина во најголема сиромаштија. Своевремено била најопасна жена во државата, особено за тоа што ја делела постелата со еден од најмоќните луѓе на светот. Сепак, нејзиниот живот е обвиткан со превезот на тајната, зашто не била омилена кај политичкиот естаблишмент. Во фокусот на серијата е нејзиниот судир со Стане Доланц. Тој бил нејзин најголем прогонувач, заедно со генералот Никола Љубичиќ, со кого наводно имал заедничко минато, за кое знаеле само тие двајца. Кружи приказната за нивното учество во групата Хитлеровата младина, што е само една од многуте информации со кои располагала Титовата сопруга, црпејќи ги од своите врски и од богатиот општествено-политички живот. Сиромашната селска девојка се истакнала со својата воена биографија. Била храбра партизанка, тоа ја однело во Белиот дворец, а потоа и во вилата во улицата Ужичка, каде што била вработена како дел од персоналот. Не било потребно долго време и маршалот ја забележал нејзината убавина, па меѓу нив се развил интимен однос. Тоа е во романизираната верзија, а според друга, тајните служби ја поставиле Јованка таму. Во тоа време постоел некој вид безбедносна структура низ која поминувале сите девојки. За да работат во Титовата резиденција, тие морале да бидат подобни, како морално така и политички.

Уплав од мемоарите на Јованка

По Титовата смрт, Јованка и нејзината куќа биле под надзор на тајните служби, чии главешини се плашеле дека таа може да напише мемоари, кои, сепак, никогаш не биле пронајдени. Играно-документарната серија ја донесува приказната за тоа дека странските медиуми копнееле по нејзината верзија на приказната за сѐ што се случувало во Југославија, па затоа ѝ биле одземени личната карта и пасошот, за да не може да патува и некаде да се исповеда. Тогаш се раскажувало дека италијанскиот и германскиот печат ѝ нуделе огромни суми пари за сведоштвото, а Моамер ел Гадафи ѝ нудел и азил во Либија. Следејќи го богатиот архивски материјал, сведоштвата на современиците и резултатите на истражувањата на домашните и на странските историчари, играно-документарниот серијал „Јованка и тајните служби“ се обидува да открие дали и во колкава мерка органите за безбедност влијаеле на животот на госпоѓа Будисављевиќ Броз. Снежана Савиќ за улогата вели дека ја подготвувала со големо внимание. – Доста проучував за Јованка Броз, нејзината личност, начинот на кој зборувала, чекорела. Не заборавив ни дека таа е народен херој, офицер и жена што добила одликување за храброст во војната. Јованка беше и една од најубавите жени на светот, која пленеше со својата појава. Има многу нераскажани приказни за неа, меѓу кои е и онаа зошто ја разделија од Тито? Но која и да е причината, сепак, жилавата личанка, како што во една пригода сама се нарекла, сите свои тајни ги однела со себе во гроб – вели Снежана Савиќ.


1 view

コメント


bottom of page