„Тајна инвазија“ – серија што го претставува почетокот на вештачката интелигенција во Холивуд
Многумина сигурно ја гледале последната сезона на Black Mirror – приказна за Џоан, чиј живот речиси во реално време станува тема на серија на стриминг-сервис сличен на „Нетфликс“. Слично чувство на чудно преплетување на фикцијата и реалноста предизвикува најновиот телевизиски потфат на „Марвел“, Secret Invasion („Тајна инвазија“). Базирана на истоимениот стрип од 2008 година, мрачната шпионска серија нè води во Москва, на чии улици конфликтите ескалираат. „Тајна инвазија“ говори за најбараниот човек на планетата Ник Фјури (Семјуел Л. Џексон) и неговиот тим, кој се обидува да ја спречи инвазијата на Скраловите – вонземска раса со зли намери, која тајно пристигнува и се инфилтрира на Земјата, а има способност да го промени изгледот за да може да изгледа како луѓето. „Тајна инвазија“ почна да се емитува на „Дизни плус“ на 21 јуни, а многумина ја забележаа најавната секвенција креирана со помош на вештачка интелигенција. Двеминутната шпица содржи слики од луѓе, вонземјани и локации од серијата, но во нејасна зелена атмосфера, каде што сè се меша и искривува бришејќи ги границите помеѓу она што е човечко и вонземско, нешто како теоријата на Дејвид Ајк за менување на рептилите во човечки облик. Средна жалост, би рекле некои, но сепак е застрашувачка бидејќи е вовед во време кога моќните компјутери ќе крадат работни места од креативните тимови и водат до моментот кога дури ни актерите повеќе нема да бидат потребни во Холивуд. Како што вели и самиот наслов, Скраловите го менуваат обликот и поминале години во киднапирања и замена на моќни херои и политичари во тајност за да помогнат да се отвори патот за глобално преземање на власта. „Тајна инвазија“ е серија со солидна продукција и ќе ви покаже како Американците ја замислуваат Русија. Имено, во Лондон и Ливерпул се снимени 6 епизоди, но острото око на европскиот гледач тешко ќе влезе во илузија дека се работи за Москва. Гледачите уживаат во актерската интеракција помеѓу Семјуел Л. Џексон и Оливија Колман (агентка што ги штити британските национални интереси). Во море од серии што личат една на друга, за успех е доволно е да бидеш поинаков, велат познавачите. Се чини дека оваа серија на Кајл Бредстрит навистина се разликува од другите.
Comments