Тајзи сними спот за новата песна „Сувенир“
28.02.2022 Februari Ponedelnik
„Сувенир“ е новиот потенцијален хит на Драган Величковски-Тајзи. Во создавањето на песната учествуваа тој и хит мејкерот Лазар Цветковски, а спотот е снимен во Офицерскиот дом во Битола, како и на уште неколку локации во градот. Во видеото режирано од Дарко Митев, со асистенција на Тајзи, се појавуваат и македонските моделки Патриција и Андреа.
– Животот е како партија шах, како и да ја изиграме на крајот и пионот и кралот завршуваат во истата кутија. На што ќе се сеќаваме, на добрите или на лошите потези е пораката што ја испраќа оваа видеоприказна. Ни останува помалку да судиме и повеќе да уживаме во оваа игра. Да не се труеме со омразата и пропагандата што ни се сервираат. За да биде така треба да се храниме со љубов. Да се љуби, да се верува и да се сака, вака безусловно како што јас ја сакам музиката. Токму тоа е темата на „Сувенир“ – вели Тајзи за својата нова песна.
Во изминатиот период, како автор тој беше вклучен во осум проекти, а покрај својата музика пишуваше и за други артисти, како Антонија Гиговска, Тамара Тодевска и за „2 Бона“.
За летниот период, како што најави, Тајзи подготвува нова авторска музика.
Comments