Тасевски: Го осудувам тоа што се случи во Скопје, македонските навивачи ме разочараа
Поранешниот македонски репрезентативец, Дарко Тасевски даде свое видување за се што се случи на дуелот меѓу нашата селекција и Бугарија на средбата од Лигата на нации.
Бугарите победија со 1-0, но наместо да им се израдуваат на триумфот кој за нив беше прв по пауза од четири години, јавноста кај нашиот источен сосед повеќе е насочена кон тоа што се случуваше пред самиот меч, исвиркувањата на химната и навредите кон играчите.
Тасевски најголемиот дел од кариерата ја мина во Бугарија, па како активен член на Славија Софија тој го осуди однесувањето на навивачите во националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
-Бев на мечот исто како и на мечот во Разград. За мене беше големо разочарување, жалам за тоа што се случи. Ова не е став и мислење на мнозинството од Македонија. Бев и на првиот меч во Разград и немаше таков однос кон македонската химна. Се беше нормално и засновано на почит на спортски настан, како што е натпреварот кој потоа заврши 1:1.
-Го осудувам тоа што се случи во Скопје. Ги познавам момците од двата тима и сигурен сум дека не го прифаќаат тоа што се случи на натпреварот. Сигурен сум дека ако наскоро има уште еден ваков натпревар на репрезентативно или клупско ниво, ова нема да се повтори како став. Наместо да ги подобруваме нашите односи како соседни земји, ние ги влошуваме со ваквите постапки на поединци. Тоа е жално. Разговарав со луѓе од македонската фудбалска федерација кои ми признаа дека се разочарани од однесувањето на навивачите при изведувањето на бугарската химна, изјави Тасевски за „Дспорт“.
Comments