top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Танец“ со концерт за 100 години од раѓањето на Александар Сариевски

Спектакуларен вокално-инструментален концерт на ансамблот „Танец“ ќе се одржи на 15 септември, во 20 часот, во Националната опера и балет, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Александар Сариевски, неповторливиот глас на македонската народна песна. Предвидено е на сцената да настапи македонската изведувачка елита – Сузана Спасовска, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Далибор Ѓошиќ, Влатко Стефановски, заедно со хорот и оркестарот на „Танец“, а ќе бидат интерпретирани најголемите македонски фолклорни бисери „Абер дојде, Донке“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Филизој моме“, „Нарочува бело Менде, порочува“, „Зајди, зајди јасно сонце“, „Саноќ ми булбул пропеа“, „Сулејман седит на кула“, „Те кажувает, бре, Илиној моме“, „Нит прела гора, нит ткала“, „Ор, невесто, Стојанице“, „Седна баба да вечера една еребица“, „Дејгиди, луди, млади години“, „Сношти го видов убавото Стојне“ и многу други.

Александар Сариевски е инспирација за многу генерации. Со својот уметнички профил и богат авторски и изведувачки опус го вгнезди своето име во севкупната македонска културна историја и претставува една од најмаркантните фигури на македонската народна музика. За време на своето шестдецениско уметничко творење, Александар Сариевски зад себе остави над четиристотини трајни звучни записи за продукцијата на Македонската радио и телевизија, но и за други познати дискографски куќи, легат што вечно ќе потсетуваат на личноста, која даде огромен придонес во негувањето и афирмирањето на македонската народна песна кај нас и насекаде во светот. Александар Сариевски е исто така и еден од основачите на ансамблот „Танец“, дел од неговата прва генерација и знаменит тапанџија на „тешкото“. Со „Танец“ пропатувал насекаде низ светот, ширејќи го автентичниот македонски фолклор, а целокупниот музички опус опфатен со неговата професионална кариера, недвосмислено претставува еден важен дел од македонското културно наследство.


1 view

Comments


bottom of page