top of page

„Танец“ на концерти со Влатко Стефановски и турнеја во САД и Канада…

„Следува и проектот ‘Изворни минијатури’, едукативно-интерактивни концерти кои се базираат на изворниот фолклор. Ќе имаме концерти со Влатко Стефановски во Долни Сарај и на Хераклеја. Годинава ‘Танец’ ќе гостува во Марибор, Словенија, но и во Хрватска, а во мај ќе ја реализираме турнејата во Америка и Канада“, вели за весникот ВЕЧЕР, Мартин Вучиќ, директор на ансамблот „Танец“. За новата сала, додава, останува да се најде „најбезболно“ решение

Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“, под раководство на Мартин Вучиќ, годинава најавува низа концерти низ Македонија, како и настапи со познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски, а македонскиот фолклор за разлика од изминатите две години ќе се претставува и надвор од границите на нашата држава, па така нашите амбасадори на културата ќе заминат на турнеја во САД и Канада. Како што посочува Вучиќ, за нов соодветен објект, пак, разговорите со надлежните институции продолжуваат.

Љубителите на фолклорот во државата ќе имаат можност во наредниот период да присуствуваат на петте концерти насловени „Танец низ татковината“, кои ќе се одржат во центрите на култура во Струга, Тетово, Гостивар, Битола и Охрид, а насловени како „Танец дома“, ќе се реализираат и традиционалните концерти, Велигденскиот, Новогодишниот, како и оние во рамки на „Скопско лето“ и „Есенски музички свечености“.

„Следува и проектот ‘Изворни минијатури’, циклус на 4 едукативно-интерактивни концерти од отворен тип со камерен состав во Кичево, Крива Паланка, Кочани, и Скопје, кој се базира на изворниот фолклор, а не на програмата на ‘Танец’. Значи ќе ја вратиме публиката малку назад во времето. Ќе имаме концерти со Влатко Стефановски со проектот (заеднички десет композиции) во Долни Сарај и на Хераклеја. Годинава ‘Танец’ ќе има и гостување во Марибор, Словенија, но и во Хрватска, а во мај ќе ја реализираме турнејата во Америка и Канада. На есен останува да се реализира „Фолклорно-класична симбиоза’, заеднички проект со Македонската опера и балет каде сите учесници ќе се претстават заедно на сцена…“, открива Мартин Вучиќ.

Дел од програмата е и шестдневниот семинар за класата на изворни инструменти на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во јуни во Охрид, на кој како што додава директорот на Танец, на децата бесплатно ќе им биде обезбедено учество, но истовремено тој претставува и „инвестирање во нивната иднина“.

„Секоја година ‘Танец’ има и нова кореографија. Годинава тоа е “Низа“, а по долго време набавивме и контрабас, но ќе има и надополнување со други инструменти, накит и делови за носии …“, додава Вучиќ. Дел од програмата се и два нови аранжмана за ора и оркестар.

Она што останува да се реализира како цел на ансамблот е добивање на нов простор во кој членовите на „Танец“ ќе можат непречено да функционираат, со оглед на нивната бројност и потреба од соодветна сала за подготовка на нови кореографии и музички настапи.

„Прелиминарните разговори се направени, оставено е да се најде најбезболното решение. Јас сум секогаш на опција да не се трошат многу пари, бидејќи една сала чини помеѓу десет и дваесет милиони евра, а за тие пари може болница да се направи. Затоа ќе видиме што нуди самата држава од постојните објекти во Скопје и да се санира со десет пати помалку средства и да имаме сите бенефит“, истакнува директорот на Танец.

Инаку, работата околу новиот и соодветен објект за потребите на Танец, кој се најавуваше во изминатиот период и за кој начално беше добиена согласност, според Мартин Вучиќ поради смена на четири министри во четири години, ќе треба допрва да се допрецизира, а се очекува и средба со новата министерка на која ќе се разговара на оваа тема.

Инаку, во 2020 „Танец“ потпиша и меморандум со Агенцијата за туризам каде што во нивната агенда е ставена и посетата на концертите на ансамблот. (Д.Т.)




 
 
 

Comments


bottom of page