top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Танец во фокусот“ во Кинотеката на Македонија

12.04.2024 April Petok

„Танец во фокусот“ беше насловен мултимедиајлниот настан на ансамблот во соработка со Кинотеката на Македонија, организиран во рамките на чествувањето на 75-годишнината од основањето на „Танец“. Со проектот се предвидени проекции, осврти, презентации, дебата, ревијални и музички перформанси, кои во својот фокус го имаат овој ансамбл. Учесниците низ сопствена перспектива го опсервираа „Танец“ како жив чувар на македонското културно наследство и како нивна лична инспирација.

Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог и уметничка раководителка на „Танец“, зборуваше за 75-годишнината, за орските содржини во филмот „Ритам и звук“ и неговото значење во етноореологијата се осврна Стојанче Костов, истражувач на народните ора и научен соработник од Институтот за фолклор, беше прикажан антологискиот филм „Ритам и звук“ на Трајче Попов од 1955 година, а Митко Хаџи-Пуља од Архитектонски факултет имаше излагање на тема „Тан(е)ц на животот“. Ласко Џуровски, визуелен уметник и типограф, зборуваше на темата „Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, пишуваме со македонска кирилица, пееме македонски песни, играме македонски ора, ја промовираме нашата Македонија низ светот. Опа, иха!“

Музички настап имаа студентите од Одделот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ, а „Бела Денице, мори невесто“ беше изведена од студентите Матеј Тушевски, Дамјан Ристовски и Тоше Илчевски. На сценско-уметничкиот и културолошкиот статус на улогата невестата низ призмата на кореографијата „Невестинско“ се осврна Благица Илиќ, етнолог и професорка по народни игри и песни во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а учениците имаа музичко-сценски настап. За мисијата на ансамблот за зачувување на својот легат на непроценливо културно наследство и носијата како негов значаен експонент се осврна Светлана Ќириќ, етнолог, а ревијален приказ на женската традиционална носија во „Танец“ имаше Катерина Кузманоска, етнокореолог и солистка во „Танец“. Се одржа и ревија на шест автентични женски носии од фундусот на ансамблот, како и дебата посветена на жената и женската традиционална носија во Македонија. В.Д.


1 view

Commenti


bottom of page