top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Тампа вторпат шампион, Брејди постави неколку рекорди

09.02.2021 februari vtornik

АМЕРИКАНСКИ ФУДБАЛ – СУПЕРБОУЛ

Со новиот тим и без подготовки во претсезоната, Том Брејди, сепак, успеа да го освои т.н. Супербоул (финален меч за титулата во американски фудбал), со Тампа беј, која го совлада ланскиот шампион, Канзас сити, со 31-9. Тампа влезе во историјата и со тоа што беше првиот тим домаќин на Супербоулот на својот стадион, на кој имаше 24.835 гледачи. За Тампа беј тоа беше втор супербоул-трофеј во клупската историја (првиот во 2002-та). Брејди, пак, го освои седмиот, рекорден шампионски прстен, на рекордниот 10-ти настап во финалето, во првата сезона во Тампа, откако во минатите 20 години настапуваше за Њу Ингланд и освои шест титули. Брејди петти пат, што е уште еден рекорд, беше прогласен и за најкорисен играч (МВП) на Супербоулот. – Многу сум горд на сите овие момци. Имавме лош ноември, но Брус Арианс (главен тренер – н.з.) ја имаше целата доверба во нас и ние бевме најдобри во вистинското време. Не сакам да правам какви било споредби. Да се стигне дотука и да се игра со оваа група момци беше неверојатно – изјави Брејди.

Брејди на возраст од 43 години и 188 дена стана најстариот играч што играл и што победил на најголем натпревар во американскиот спорт, во НФЛ (американски фудбал), МЛБ (бејзбол), НБА (кошарка) или во НХЛ (хокеј). Со седумте титули, тој е поуспешен од сите НФЛ-клубови (по шест титули имаат Њу Ингланд и Питсбург). Брејди и Пејтон Менинг (со Индијанаполис колтс и со Денвер бронкос) се единствените што го освоиле Супербоулот со две различни екипи. Тандемот од Њу Ингланд и сега во Тампа, Брејди – Роб Гронковски забележа 14 т.н. тачдауни во постсезоната, најмногу кога станува збор за квотербекови (додавачи)/примачи на сите времиња, надминувајќи ги со тоа Џо Монтана и Џери Рајс.

Брејди и Гронковски по натпреварот изјавија дека нема да се пензионираат, иако Гронковски ќе биде слободен агент. Нивниот главен тренер, Арианс, стана најстариот тренер што освоил Супербоул, на 68 години и 127 дена. За разлика од минатите години, шоуто на полувремето беше поинакво. Канадската музичка ѕвезда Викнд, првпат во 55-годишната историја на Супербоулот, наместо на теренот, за време на 12-минутно шоу беше принуден да пее од трибините, во согласност со строгите протоколи за борба против коронавирусот.


3 views

댓글


bottom of page