Тамара Грујеска ќе пее за Македонија на „Јуниорски евросонг 2023“
Македонската радио-телевизија по одржаната аудиција ја избра дванаесетгодишната Тамара Грујеска за претставник на Македонија на годинашниот „Јуниорски евросонг“, што ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција.
-И благодарам многу на Македонската Радио – Телевизија, за дадената доверба да ја претставувам Македонија на „Детскиот евросонг“ во Ница, Франција. Ветувам дека достоинствено ќе ја претставам својата земја на овој престижен мзуички избор на кој учествуваат талентиранид еца од цела Европа – напиша Тамара на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Веста е објавена и на официјалниот сајт на „Евровизија“.
Тамара е родена на 2 декември 2010 година во Гостивар. Своите почетоци во светот на музиката ги прави на само пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и во странство. Таа е уникатна и бестрашна. Препознатлива е по моќните изведби и својот неверојатен вокал, кој освојува и никого не го остава рамнодушен. Доказ за тоа се и големиот број на награди кој ги освојува, не само во Македонија туку и на интернационални натпревари.
Првиот нејзин настап на интернационален натпревар се случи во 2021 година на „Езерски Бисери“ во Струга, каде што го освојува првото место, лауреат од прв степен. Истата година учествува и на Интернационалниот фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп каде што освојува „гран при“ со нејзината песна „Музиката во мене има дом“. Истата година учествува и на интернационалниот фестивал „Шкољкице“ во Нови Сад, Србија, каде што повторно освојува „гран при“.
Во 2022 година Тамара учествува и на најпрестижниот фестивал и натпревар во Владимир, Русија – „Голден старс реин“(Golden Stars Rain), каде што во конкуренција од 150 натпреварувачи од повеќе земји, исто така освојува „гран при“. Највисокото признание го доби и на меѓународниот фестивал „Ангелски гласови“ (Angel Voice) во Белград Србија.
Тамара е ученичка во седмо одделение во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар, а паралелно го посетува и основното музичко училиште „Тодор Скаловски“ во Тетово, отсек соло пеење.
Последното признание што го доби е „гран при“ во поп категорија на музичкиот натпревар „Сергеј Михајлов“ во Штип, со освоени 100 поени.
За нејзниот голем успех има професорката Наташа Миха, која неморно работи со својата талентирана ученичка.Својот глас го усовршува во музичкото училиште на Андријана Јаневска, отсек соло-пеење, каде што исполнува песни од популарни светски жанрови, а посетува и онлајн часови и курсеви кај светски познатата вокална учителка Шерил Портер од САД. М.Т.
Comments