Тoм Круз во нови височини, овој пат во вселената
Том Круз ќе оди таму каде што ниту еден актер не бил досега. Холивудскиот ветеран (60) очигледно мисли дека борбените авиони се за аматери. Откако ги испроба своите можности со акробации на Земјата, тој наскоро ќе се упати во орбитата. За оваа идеја всушност се зборува веќе неколку години, но реализацијата беше одложена поради пандемијата. А сега, претседателката на одборот директори на студиото „Јуниверзал“, Дона Ленгли, го навестува претстојниот блокбастер во интервју за „Би-би-си њуз“. „Том Круз нè носи во вселената, го носи светот во вселената“, открива Ленгли. „Тоа е планот. Имаме одличен проект во развој заедно со Том… испраќање ракета до вселенската станица и снимање“. „Се надеваме дека тој ќе стане првиот цивил кој ќе направи вселенска прошетка надвор од Меѓународната вселенска станица,“ вели Ленгли, откривајќи подробности во разговорот со „Би-би-си њуз“. Ѕвездата на „Топ ган“ нема да глуми типичен херој. „Тој ќе глуми човек предаден од среќата, човек кој ќе се најде во позиција да биде единствената личност која може да ја спаси Земјата“, објасни Ленгли. Даг Лиман, режисер на култниот трилер The Bourne Identity („Борновиот идентитет“), кој работеше со Круз на The Edge of Tomorrow („На работ на иднината“), ја презема режисерската палка. Ако сè оди според планот и режисерот ќе мора да одлета. Идејата за филмот првпат се појави во 2020 година, кога во проектот учествуваа „Спејс икс“ на Илон Маск и НАСА, но пандемијата ги прекина плановите.
Comments