Сценариото на култниот филм е продадено на аукција за 300.000 евра
Познатиот француски режисер Жан-Лик Годар почина пред нешто повеќе од еден месец, а интересот за неговата работа е во преден план во претходните неколку месеци. Ова ни го кажуваат ретроспективите во кината низ светот, како и појавувањето на аукции на неговите ракописи.
Аукциската куќа „Кристи“ објави дека сценариото за неговиот култен филм „Презир“, кој беше во сопственост на актерката Брижит Бардо, беше продадено за повеќе од 300.000 евра. Ракописот има 59 страници напишани со сино мастило и 24 страници напишани со машина за пишување, од кои многу содржат белешки и корекции направени рачно од самиот режисер. Содржи и порака од италијанскиот писател Алберто Моравија, чие дело е адаптирано за филмот, како и белешки од актерите што ги толкуваа главните улоги. Заедно со Бардо беа и Мишел Пиколи, Џек Паланс и режисерот Фриц Ланг, кој се играше себеси во филмот.
Заплетот се врти околу сценарист што ја користи убавината на неговата сопруга за да го придобие бескрупулозниот американски филмски продуцент. Ракописот бил проценет на 120.000-180.000 евра, но бил продаден за 302.400 евра. Тоа е комплетен ракопис на првата верзија на филмот, без голи сцени, кои на режисерот му ги наметна американскиот продуцент на филмот, меѓу кои е и почетната сцена на Пиколи и Бардо.
Жан-Лик Годар, легендата на светската кинематографија, почина на 13 септември, на 91-годишна возраст.
Comments