top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Сфинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски е македонски претставник за наградата „Балканика“

Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски во издание на „Антолог“ е македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“.

Ова е едногласната одлука на жири-комисијата за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ во состав проф. д-р Александар Прокопиев (претседател), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (член) и м-р Александра Јуруковска (член). Во најтесен избор за македонски претставник за наградата беше и „Лазарка“ од Љупчо Петрески во издание на „Арс ламина“.

„Романот ‘Сфинга на гневот’ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво, кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци, поточно кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Романот, и покрај комплексноста, има убава динамика со која се доближува до динамиката на трилерот или уште поконкретно до една суптилна комбинација од трилер и книжевна метафикција, при што целата приказна постојано ги подгрева вниманието и љубопитството на читателот. Лавиринтот од приказни (и мистични и мистифицирани), клопчето од непознати (нерастајнети) ракописи и автори, кои колку што ненадејно исчезнуваат толку уште поненадејно се појавуваат, ја промовираат палимпсестната структура и ја засилуваат интертекстуална практика на постмодерната, особено кога Кујунџиски практикува текст во текст, па така на ниво на целиот роман се појавува и роман во роман, есеј во роман, интервју во роман. Кујунџиски нуди една повеќеслојна интертектуалност, зрела постојана игра и со книжевни теми (од Бибилјата и митологијата до разни историски четива и ракописи пронајдени во библиотеките и на интернет) и со имиња (Јустинијан и Диоклицијан, Александар Велики и Гргур Нински, Константин од Струга и Леполд од Милано, Кочо Рацин…) и со разни симболи (како оние луцидни поигрувања што ги прави со глаголските букви веда и добро)…“, се посочува меѓудругото во образложението на комисијата.

Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 од страна на релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија, а седиштето се наоѓа во Софија. Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи на почетокот на наредната 2022 година. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.


0 views

Comments


bottom of page