top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Супермен заробен во евровизиските кругови на Андреа

Реакции по „Домашниот евросонг 2022“

Повторно македонското учество на „Евровизија“ е топ-тема на социјалните мрежи. Причина е домашниот избор за наш претставник што се одржа во петокот, во специјалното издание на емисијата „Стисни плеј“, според интерните правила на Македонската телевизија, носител на лиценцата за овој избор. Според гласовите на стручното интернационално жири, со членови од: Малта, Израел, Грузија, Исланд и Ерменија, и на публиката што гласаше онлајн, во однос 50:50, победата ја однесе Андреа Коевска со „Circles“. Фаворитот на публиката, Виктор Апостоловски, кој ја пееше „Супермен“, иако имаше повеќе гласови, 12.631, а Андреа 4.300, на крајот имаше ист брoj бодови со Андреа, 20, па за победникот одлучи правилото, кое беше востановено во МРТ, на кое сите претходно се согласиле, дека за Италија ќе патува учесникот што има повеќе гласови од стручното жири, а тоа беше Андреа. Според Мери Попова, шефица на нашата евровизиска делегација кога има натпревар, мора да постојат правила. Инаку, секоја земја си има свои интерни правила за избор на свој претставник, кои можат да бидат различни од евровизиските, како во случајот на нашиот избор.

– Македонската радио-телевизија за првпат го применува овој модел на избор на национален претставник за „Евровизија“, кој е всушност комбинација од неколку европски национални избори. Веќе пристигнаа реакции од неколку европски радиодифузери, кои го оценија нашиот проект како мошне прифатлив, атрактивен и валиден модел за национален избор на претставник. МРТ ги зема предвид искуствата од домашните натпревари во изминатите 20 години, со сите нам добро познати несакани случувања на сите инволвирани, потоа примени дел од правилата на ЕБУ, кои се применливи за мала земја како нашата, ја зеде предвид волјата на јавноста за одржување натпревар и по сеопфатна анализа ги донесе правилата за одржување на годинашниот национален избор за песна и претставник на „Евровизија“, кој беше транспарентно презентиран и објавен на веб-страницата на МРТ – објасни Мери Попова. Она што предизвика многу реакции во јавноста е фактот што беше ангажирано стручно жири од странство. Како раководителка на овој проект, таа вели дека тоа се должи на претходни искуства, како и на фактичка објективност во однос на тоа како би гласала Европа, зашто на „Евровизија“, секако, не можете да гласате за сопствената земја, практика што ја применуваат и многу други земји. – Според годинашните правила, само во случај на изедначени поени од вкупното гласање на две или повеќе, односно можност на изедначеност и на три песни, интернационалното стручно жири ја има предноста во одлуката. Секој од шестемина учесници имаше одлични композиции и се водеше сметка дека секоја од нив може да нѐ претставува на „Евровизија“. Тие беа однапред запознаени со правилата, со потпишани согласности ги прифатија, ги имаа истите услови и стартни позиции за победа. Им честитам на сите и верувам дека пред секој од нив стои одлична музичка кариера. Посебни честитки до победничката Андреа и се надевам на убава соработка во месеците што ни претстојат. Она што сметам дека беше крајна цел, која ја постигнавме, е поттикнување на авторите и изведувачите за продуцирање нова музика, во време кога авторството во земјава и потребата за емитување домашна музика е сведено на минимум – вели Попова. Деновиве, секако, најсреќна е победничката на домашниот избор Андреа Коевска.

– Реакциите главно се позитивни, но има и негативни коментари, за начинот на гласање и за тоа дека пеам на англиски јазик. За гласањето, уште на почетокот ни беа убаво објаснети правилата и, според мене, тука нема ништо спорно, а да пеам на англиски се договоривме со Александар Масевски, кој е автор на музиката и на аранжманот, а заедно го напишавме текстот – вели Андреа. Масевски, по прогласувањето на резултатите, упати благодарност до сите што безрезервно го поддржувале низ целиот процес. – Ѝ упатувам јавна благодарност на Андреа за фантастичната изведба на „Circles“, на МРТ што преку новиот концепт на избор на песна за „Евровизија“ го отвори патот за свежи и модерни артистички имиња, кои верувам ќе бидат сериозни фактори во креирањето на новиот бран на македонската музичка сцена – вели Масевски. Композиторот на второнаградената песна „Superman“, Владимир Дојчиновски, ни рече дека како автор генерално е задоволен од новиот концепт на избор на наш евровизиски претставник, но има забелешки за начинот на гласање.

– Новиот начин на избор дава повеќе можности што повеќе тимови да испратат свој музички производ за „Евровизија“, за разлика од изминатите години кога се избираше еден пејач. Секако, овој концепт може да се доразвие и да се усоврши. Сепак, морам да кажам дека не сум задоволен од системот за гласање. Тој мора да се промени во однос на валоризирањето на мислењето на публиката. Лично сум задоволен од песната што ја изработивме со Виктор, од нејзината промоција и прифатеност. Разочараноста доаѓа токму од таму, бидејќи 12.631 глас беа премалку во споредба со оние на петлчленото жири. Такво нешто не би било добро да ни се случува во иднина – вели Дојчиновски. А Виктор Апостоловски од објавувањето на „Superman“ беше човекот за кого најмногу се зборуваше периодов и се шпекулираше дека ќе биде победник на „Домашниот евросонг“. – Пресреќен сум што добив толкава поддршка од нашиот народ! Искрено не очекував „Супермен“ да сплоти толку многу луѓе од проста причина што кај нас обично не се поддржува нашето. Единствено нешто за кое ми е жал е тоа што народот се разочара од финалниот исход. Сето тоа гласање заслужува да биде наградено, така што ако ништо друго, јас ветувам еден добар спот на песната – вели Апостоловски. На трето место е рангирана Кали со „Love and light“, четврта беше Лара, која ја испеа „Flower of sorrow“, Јон Ајди со „Dreams“ е петти, а Рис Флаер со песната „Flying to Berlin“ се пласира на шестото место.





1 view

Comments


bottom of page