Судот во Лозана ѝ дозволи на Валиева да продолжи да се натпреварува
Судот за спортска арбитража (ЦАС) не ги задоволи жалбите на ИОК, ВАДА и ИСУ за случајот Камила Валиева. Така, на руската лизгачка и е дозволено да учествува во уметничко лизгање сингл на Зимските олимписки игри во Пекинг. Оваа одлука беше објавена рано утрово.
Сослушувањето на засегнатите страни се одржа преку конференциска врска вчера попладне и заврши доцна во ноќта по локално време во Пекинг.
Меѓународната агенција за тестирање (ИТА) на 11 февруари ја потврди информацијата за позитивен допинг тест на Камила Валиева. Според соопштението на ИТА, кај Русинката е откриена забранетата супстанција триметазидин.
На 8 февруари, на Олимписките игри 2022 година, церемонијата на медали за екипниот турнир во уметничко лизгање беше одложена. Ден претходно рускиот тим победи на овие натпревари. Валиева најпрво беше суспендирана, а потоа и беше тргната казната.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Светската анти-допинг агенција (ВАДА) и Меѓународната унија за лизгање (ИСУ) не се согласија со отстранувањето на привремената суспензија и ја оспорија одлуката во Судот во Лозана.
ЦАС во Пекинг ја отфрли жалбата на ИОК, ВАДА и ИСУ образложувајќи ја одлуката со статусот на 15-годишната Валиева како „заштитено лице“ и посебен пристап кон нив.
Comments