Судијата што ја води постапката за развод на Џоли и Пит мора да се повлече од случајот
26.07.2021 Juli Ponedelnik
Приватниот судија кој веќе пет години ја води бракоразводната парница на Бред Пит и Анџелина Џоли во петокот доби наредба да се повлече откако Џоли се пожали дека не е непристрасен. Во пресудата на апелациониот суд во Калифорнија се наведува дека судијата Џон Одеркирк требало да ги обелодени неговите претходни деловни односи со адвокатскиот тим што го застапува Пит во долготрајниот спор околу старателството над нивните деца. Џоли и Пит, некогаш еден од најгламурозните парови во Холивуд, се разделија во септември 2016 година по повеќе од 10-годишна романса и двегодишен брак. Џоли поднесе барање за развод повикувајќи се на непомирливи разлики. Тие беа законски прогласени за „сингл“ во 2019 година, но двајцата актери останаа во судска битка околу старателството над нивните пет малолетни деца. Во одлуката на апелациониот суд се вели дека Удеркирк направил „етичка повреда што може да предизвика објективна личност, свесна за сите факти, оправдано да се сомнева во способноста на судијата да биде непристрасен. Потребно е дисквалификација“. Парот го ангажираше Одеркирк, приватен судија, во обид деталите за разводот да останат далеку од очите на јавноста. Неговото заминување веројатно дополнително ќе го продолжи спорот за старателството. Пит претходно се спротивстави на обидот на Џоли судијата Одеркирк да биде изземен од случајот бидејќи не окрил дека има деловни односи со еден од неговите адвокати. Таа тврдеше дека тоа е судир на интереси. Поранешните сопружници моментално го делат старателството над пет од нивните шест деца. Шестиот – Медокс роден во Камбоџа – има 19 години и не е предмет на договори за старателство. Во јуни годинава, судијата Одеркирк му додели на Пит еднакви права со неговата поранешна сопруга за старателство над децата.
Commenti