Струшките вечери на поезијата ќе се одржат од 22 до 26 август со мотото „Допир на убавината“
22.07.2024 juli Ponedelnik
На 19.7.2024 година, со почеток во 11.30 ч, во конгресната сала на хотелот „Дрим“ во Струга, се одржа прес-конференција, на која директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ги соопшти деталите за програмата на годинешното издание на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава во вообичаениот термин, на крајот на август, од 22 до 26, во своето автентично издание на препознатливите локации.
Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. Оваа година го имаме францускиот лауреат, истакнатиот поет Жан Пјер- Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот е на 24 август и, според традицијата, ќе се одржи во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид. Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Оваа година, во рамките на програмата на фестивалот, ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамките на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепите лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од Катедрата за македоска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во рамките на пригоден настан, „Декади поезија“, ќе бидат одбележани годишнините од животот и творештвото на петмина истакнати македонски поети. Во рамките на програмата предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешната добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за својатадебитанска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“), како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година во рамките на фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата ВЕРСОПОЛИС, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен редовните публикации: Монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, ќе биде издадена антологија со насловена „Од поети за поети“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети, кои се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така, ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тријазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамките на платформата „Версополис“.
Свеченото отворање и свеченото затворање на СВП ќе се одвиваат на препознатливите локации, а во другите денови претпладневната програма е предвидена да се одвива во конгресната сала на хотелот „Дрим“, кој исто така е еден од нашите главни поддржувачи, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Медиумски покровител на фестивалот е Македонската телевизија, која ќе врши директнен пренос на главните настани.
Струшките вечери на поезијата го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој, почнувајќи од 1961 година, ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.
ความคิดเห็น