„Струшките вечери на поезијата“ со чествување на македонските поети Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Матеја Матевски
30.07.2024 juli Vtornik
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата. Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот, на главните поетски читања. Годинашен лауреат, добитник на наградата „Златен венец“, е истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот ќе биде на 24 август и, според традицијата, ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид
„Струшките вечери на поезијата“, како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот од август, од 22 до 26 август, во своето автентично издание, на препознатливите локации.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
– Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“. Со ова мото, сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезијата. Но, исто така, сакаме да ѝ оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица, преку тактилноста и релјефноста, преку допир, да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата – посочи директорот на СВП, Тодорче Тасевски, кој ги соопшти деталите за програмата на годинашното издание на фестивалот.
Годинашен лауреат, добитник на наградата „Златен венец“, е истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот ќе биде на 24 август и, според традицијата, ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, а наградата ќе му биде врачена на лауреатот на поетското читање „Мостови“.
Инаку, повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот, на главните поетски читања.
– Оваа година, во рамките на програмата на фестивалот ќе бидат одбележани годишнините на нашите истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамките на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица од Општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – додаде Тасевски.
Тодорче Тасевски, директор на СВП
Покрај одбележувањето 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски, во програмата на „Струшките вечери“ е предвидено и чествување на 95 години од раѓањето на Матеја Матевски, добитникот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2011 година.
Во рамките на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинашна добитничка е германската поетеса Катрин Пиц, за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“), како и портрет на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој ќе биде објавен на почетокот од август. Истакнатиот шведски поет, Бенгт Берг, ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година, во рамките на фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.
Од изданијата на „Струшките вечери на поезијата“, освен редовните публикации: Монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, ќе биде издадена антологија насловена „Од поети за поети“, чиј приредувач е нашиот истакнат поет, Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети, кои се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет, Бенгт Берг, во препев на нашиот истакнат поет, Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така, ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“, на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тријазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамките на платформата „Версополис“.
Покрај свечените отворање и затворање на СВП, кои ќе се одвиваат на препознатливите локации, за другите денови, предвидено е претпладневната програма да се одвива во конгресната сала на хотелот „Дрим“, а вечерната програма – на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување. Почнувајќи од 1961 година, тој ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот. (Н.И.Т.)
Comments