top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Струмички карневал: Над илјада маскирани луѓе направија карневалска магија што ќе се памети

„Станува збор за традиција која има древно минато од повеќе векови, станува збор за прекрасно „разгрането дрво“ кое има многу длабоки корени. Тие корени на „Струмичкиот карневал“ зборуваат и за нашите корени, но и за корените на овој град под кулите на Струмица, кој датира од многу, многу одамна“, рече струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов

Со интернационалната карневалска поворка, на која учествуваа 1.100 луѓе под маски од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, Бугарија и карневалџии од Струмица и други македонските градови што се одржа во саботата вечерта, се реализира уште едно успешно издание на „Струмичкиот карневал“. Река од маски, организиранa во 41 група, a предводена од кралската свита, како и од принцот и принцеза на Карневалот, повеќе од три часа течеше низ улиците на градот Струмица, а стартуваше по објавата „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“. Таа само на момент запираше кога групите ги претставуваа своите кореографии пред жирито и публиката. Темите беа најразлични – Струмичка корида, љубов, музика, јунаци од филмовите и многу други кои под ритмот на музиката имаа волшебен сјај.

На почетокот се обрати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Денес сите патишта водат кон Струмица, затоа што вечерва Струмица е центар на светот. Тоа нè прави неизмерно горди, оти сите ние сме верни негувачи на традицијата, оти сите ние ја вардиме културната оставина на овој град, оставина на чиј пиедестал се наоѓа нашиот „Струмички карневал“. Станува збор за традиција која има древно минато од повеќе векови, станува збор за прекрасно „разгрането дрво“ што има многу длабоки корени. Тие корени на „Струмичкиот карневал“ зборуваат и за нашите корени, но и за корените на овој град под кулите на Струмица, кој датира од многу, многу одамна, рече струмичкиот градоначалник кој во своето обраќање ги поздрави гостите од земјата и странство, претставници на дипломатскиот кор во државата и владини претставници.

Костадинов и неговата девојка Гордана Георгиева, како што може да се види на неговиот фејсбук-профил, пак, ден претходно, се маскираа како Тито и Јованка Броз. Пријателите на Костадинов беа маскирани во Гадафи, Хитлер, Фидел Кастро, Че Гевара и други историски личности. Градоначалникот рече дека маската нема порака туку дека е повеќе политичка сатира, а ликовите од историјата нека си останат таму.

-Вечерва се случи бришење на границите на Балканот, се случи Европа без граници. Беше преубаво да се биде дел од маскенбалот во хотелот „Сириус“, и да се види како луѓе под маски од различни земји и нации заедно пеат, играат и се веселат. Хрвати, Срби, Босанци, Црногорци, Грци, Бугари и Македонци, но и гости од Шведска, Германија, Холандија, Италија, Словенија и Турција, вечерва беа едно. Можеби тоа беше најубавиот маскенбал од сите досега одржани, маскенбал каков што само може да се посака, стои во неговата објава на Фејсбук.

Празникот Прочка (26 февруари) беше резервиран за Детскиот карневал. Најмладите дефилираа во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките. На Чист понеделник (27 февруари) карневалските празнувања ќе продолжат со варење и консумирање на традиционалниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во ЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена традиционалната изложба на карикатури и афоризми, на која ќе бидат доделени наградите на најуспешните учесници.

Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер. Годинешново издание на Струмичкиот карневал завршува на 1 март со организирање Тримерски ручек и настап на „Распеани струмичани“, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на учесниците.









4 views

Comments


bottom of page