top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Струга по 62. пат центар на поезијата: Поетскиот јазик е јазик создаден од чувства, но и јазик што с

Струга по 62. пат центар на поезијата: Поетскиот јазик е јазик создаден од чувства, но и јазик што создава чувстваМотото на годинашниот фестивал е „Чувствотворен јазик“, а како што истакнува директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, со него се потенцира поезијата и поетскиот јазик, односно јазикот создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Со мотото се потенцира моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот Шеесет и второто издание на „Струшките вечери на поезијата“, една од најстарите поетски манифестации во светот, ќе стартува на 24 август и ќе се одвива до 28 месецов на традиционалните фестивалски локации. Официјалното отворање на СВП е пред Домот на поезијата во Струга, со изведба на Константиновата Т`га за југ, а следуваат поетски читања на повеќе локации и затворање на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, каде што ќе бидат врачени највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ на годинашните лауреати Влада Урошевиќ, Гевин Бредли и Димитар Башевски. Мотото на годинашниот фестивал е „Чувствотворен јазик“, а како што истакнува директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, со него се потенцира поезијата и поетскиот јазик, односно јазикот создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Според Тасевски, со мотото се потенцира моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот. Дваесет и пет поети од петнаесет земји веќе го потврдиле учеството на годинешното издание на СВП. Меѓу учесниците се: Гевин Бредли, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, кој живее и работи во Канада, а доаѓа од Ирска, Гај Хелмингер од Луксембург, Биргит Крејпе од Германија, Каролина Пихелгас од Естонија, Чема Паз Гаго од Шпанија, Гонџa Oзмен од Турција. Од регионот во Струга ќе пристигнат Павле Горановиќ од Црна Гора, Димитрис П. Краниотис од Грција, Жељка Авриќ од Србија, Арјан Калчо од Албанија, Роза Бојанова од Бугарија и многу други. Како што е познато, годинашен добитник на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата „Златниот венец“ е истакнатиот македонски поет и писател, академик Влада Урошевиќ. Како што истакнува Тасевски, со својата исклучителна творечка дејност, со своите бројни книжевни дела од кои преку дванаесет збирки поезија, со бројните домашни и меѓународни награди и признанија, со членството во Меѓународната академија Маларме во Париз и во Европската поетска академија со седиште во Луксембург, како и членството во МАНУ, Македонскиот П.Е.Н Центар и Друштвото на писателите на Македонија, Влада Урошевиќ, целосно заслужува да биде третиот по ред македонски добитник на Златниот венец, по Блаже Конески во 1981 година и Матеја Матевски во 2011 година. Оваа година, објавувањето на добитникот на наградата „Златен венец“ се случи во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамки на програмата на „Струшките вечери на поезијата“ предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (ирскиот поет Гевин Бредли), како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски. Ќе биде организиран специјален настан со избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската Комисија. Годинава е предвидена и тркалезна маса на тема: „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“. Оваа година, во рамки на програмата за одбележување јубилеј – 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, се предвидени неколку содржини: изложба на фотографии поврзани со учеството на Ацо Шопов на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот огромен придонес за основањето и развојот на Фестивалот. Ацо Шопов, имено е претседател на првиот Фестивалски одбор. Промоција на преведени изданија на Ацо Шопов на неколку јазици, како и свечен настан по повод јубилејот, што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ на 26 август, непосредно пред портретот на лауреатот на годинашното издание, истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ. Од изданијата на „Струшките вечери на поезијата“, освен Монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на Фестивалот, тријазичното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, Зоран Анчевски, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли, во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет, универзитетски професор Иван Џепароски. Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуализира книжевно теорискиот пристап на еко-поезијата и еко критиката. По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“ во соработка со унгарската амбасада, во рамки на програмата на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој славен унгарски поет.








0 views

Comments


bottom of page