top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Струга во ритамот на стихот – со 24 странски и над 40 домашни поети

Стиховите на над 20 странски, но и двојно повеќе домашни поети, од утревечер (25 август), ќе одекнуваат во градот на мостовите, Струга. Свеченото отворање на 61. издание на Струшките вечери на поезијата ќе се одржи на летната тераса во хотел „Дрим“. Од дирекцијата на фестивалот посочуваат дека одлуката за промена на локацијата од платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ е донесена поради најавата за поројни дождови.

Инаку, годинешниот лауреат Шунтаро Таникава, поради возраста (91 година) и здравствени ризици нема да присуствува, а специјален гостин ќе биде израелскиот поет Амир Ор, лауреат за 2020 година. Според Тодорче Тасевски, директор на Струшките вечери на поезијата, „Златниот венец“ годинава во име на Шунтаро Таникава ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист. Тој на традиционалниот портрет на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид, ќе има музички настап инспириран од стиховите на својот татко.

„Дел од поетите веќе пристигнаа, а се очекува најголемиот дел, или вкупно 24 странски и околу 40 домашни поети денеска да бидат во Струга и ’Струшките вечери’ на поезијата да започнат. Минатогодишната лауреатка Керол Ен Дафи, која лани пред присутните имаше видеообраќање, нема да биде присутна годинава, но се очекува да дојде евентуално на наредно издание“, истакна Тасевски.

Манифестацијата, под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, ќе почне со традиционалното читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на Фестивалскиот оган. Во рамките на програмата предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети. Предвидени се поетски читања и на поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија.

Доколку дозволат временските услови свеченото затворање на фестивалот ќе биде на 28 август на Мостот на поезијата со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга и „Браќа Миладиновци“. Фестивалската програма ќе се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб-канал на СВП. (Д.Т.)


2 views

Comments


bottom of page