Стрес, среќа и карактер: ФИФА ја објасни компликуваната формула на евро-баражите
Updated: Nov 16, 2021
14.11.2021 Noemvri Nedela
Светската фудбалска федерација ја објасни компликованата формула со која ќе бидат познати последните три репрезентации од Европа кои ќе се квалификуваат на Светското првенство во Катар. Многу стрес, среќа, карактер и најмногу фудбалски квалитет е потребно да се „преживее“ ждрепката на 26 ноември и мартовските пет дена од бараж-турнирите.
Дванаесет репрезентации (десет од квалификациите и две селекции победници по групи од Лига на нации) ќе бидат поделени на носители и неносители. Шесте најдобри второпласирани ќе бидат носители, а преостанатите четири и двете репрезентации од Лигата на нации ќе бидат неносители. Репрезентациите кои влегуваат во баражот од Лигата на нации не можат да бидат носители. Македонија теоретски може да биде носител, бидејќи во мини-табелата се сметаат само резултатите со прво, трето и четвртопласираните селекции во групата. Појасна слика ќе добиеме штом се завршат комплетните квалификации во вторник.
Предноста на домашниот терен во полуфиналето ја имаат носителите. Овие репрезентации ќе бидат поделени на три мини-турнири, како што беше случајот во дополнителните квалификации за Европското првенство. Турнирите ќе бидат извлечени со ждрепка, која ќе се одржи кон крајот на ноември. Победниците од полуфиналето ќе играат во финалето и победникот на секој од овие три мини-турнири ќе се квалификува за Катар.
Полуфиналните натпревари се закажани за 24 и 25 март, а финалето на 28 и 29 март следната година. Носителите имаат предност на домашниот терен во полуфиналето, а ждрепката ќе одреди која полуфинална двојка ќе биде домаќин на финалето. Во превод, ако Македонија и Русија се најдат на пример во полуфиналето, а ждрепката утврди дека полуфиналната двојка ќе биде домаќин на финалето, завршниот натпревар би се играл во Скопје или Москва во зависност од тоа кој ќе победи.
Comments