Стојановиќ: Без сонување за чекор плус, немаше да има вакво остварување
РАКОМЕТ – ПО ИЗВОНРЕДНОТОДЕВЕТТО МЕСТО НА МАКЕДОНСКИТЕ КАДЕТИ НА СП ВО ХРВАТСКА
Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија (до 19 години), предводена од селекторот Раде Стојановиќ, го освои деветтото место на 10. Светско првенство (СП), кое се одржа во Хрватска, со учество на 32 селекции, што претставува извонреден пласман за оваа генерација млади ракометари. Зад Македонија останаа Шведска, Словенија, Исланд, Унгарија, Црна Гора, селекции што имаат голема ракометна традиција во европски рамки. Ова е всушност онаа репрезентација на Македонија што го освои првото место на ЕХФ-шампионатот во Летонија минатата година (за играчи до 18 години), а со тој триумф, пак, си обезбеди настап и следната година на Европското првенство (ЕП) во 21 година. Македонија на ова СП доживеа само два пораза, и тоа против силните скандинавски репрезентации Норвешка (25-27) и Данска (30-37), а беа совладани Црна Гора (29-20), Грузија (27-21), Австрија (29-22) и Унгарија (22-20), додека во последниот дуел за пласман ја победи убедливо Чешка (28-22). На овој меч посебно импонираше стружанецот Мирче Калајџиески, кој дури 12 пати ја затресе противничката мрежа и беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на овој меч. Своето задоволство од постигнатиот успех на оваа надежна генерација македонски ракометари, секако, не го криеше ни селекторот Стојановиќ. – Без вашата желба, немаше да верувате во победа. Без добар тренинг, немаше да покажете борбеност. Без сонување за чекор плус, немаше да има вакво остварување – напиша на социјалните мрежи Стојановиќ. Оваа селекција на македонски ракометари одигра СП што долго ќе се памети и со тоа уште еднаш покажа дека е генерација што има светла перспектива. Вчера во борбата за бронзениот медал играа Египет и домаќинот Хрватска, а за златото се бореа Данска и Шпанија, што значи дека светот има нов шампион. Како што е познато, на СП 2019 година во Македонија, Турција во финалето ја совлада Германија (32-28) и стана светски првак, додека трета беше Данска, која, пак, славеше над Португалија (35-27). Македонија тогаш го освои 13-то место од вкупно 24 репрезентации. Во 2021 година поради ковид-19, СП што беше закажано во Грција не се одржа. Г.И.
ความคิดเห็น