Стоечки овации во Лондон за Трпчески и Венгеров
Mакедонскиот реномиран пијанист Симон Трпчески месецов настапува на три од најпрестижните светски концертни сцени заедно со легендарниот Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на сите времиња.
Серијата камерни концерти стартуваше на сцената на лондонската сала Барбикан, синоќа, на 10 јануари. Двајцата врвни уметници настапија со дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел. Настапот во Барбикан на двајцата уметници резултираше со стоечки овации и три изведби на бис за пребирливата лондонска публика.
„Нашето пријателство датира веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од ЕМИ Класикс, Џон Фрејзер, ни зборуваше на двајцата посебно дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, на наша лична иницијатива спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек што има создадено историја на многу млади години и остава длабока неизбришлива трага во историјата на интерпретативната уметност. Многу се радувам!“, изјави Симон Трпчески по повод стартот на серијата концерти.
Тандемот Венгеров – Трпчески веќе на 20 јануари ќе настапи во Карнеги Хол во Њујорк, а на 27. овој месец и на големата сцена на Париската филхармонија.
Нивниот прв заеднички настап беше минатата година на фестивалот „Музика Мунди“ крај Брисел во Белгија.
Comments