top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стоечки аплаузи за „Госпоѓиците од Авињон“ – создадоа прекрасна магија на сцената; Отворен 20. Танц-фест Скопје

12.04.2024 April Petok

Претставата „Госпоѓиците од Авињон“ е една од најзабележителните продукции на рецентната македонска балетска сцена, чии автори се Калиопи (музика), Олга Панго (кореографија), Сашо Димоски (либрето), Валентин Светозарев (сценографија), Раде Василев (костимографија), Емил Петров (мултимедија и дизајн). Со оваа претстава всушност започна програмата „Паралели“, која ја означува соработката на фестивалот „Танц-Фест Скопје“ и Националната опера и балет

Со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ на кореографката Олга Панго, а на музика на Калиопи Букле, вчеравечер во полниот салон на НОБ, се отвори 20. јубилејно издание на интернационалниот фестивал „Танц-фест Скопје 2024“, којшто годинава се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“. Со оваа претстава всушност започна програмата „Паралели“, која ја означува соработката на фестивалот и Националната опера и балет и во која ќе се прикажат три современи кореографии на домашни автори.

Извонредните танчари на Националниот балет Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лочеј, Ендру Кук и Агим Бафтии, донесоа прекрасна магија на сцената, на големо задоволство на публиката, која ги награди со стоечки аплаузи. Претставата е една од најзабележителните продукции на рецентната македонска балетска сцена, чии автори се Калиопи (музика), Олга Панго (кореографија), Сашо Димоски (либрето), Валентин Светозарев (сценографија), Раде Василев (костимографија), Емил Петров (мултимедија и дизајн).

Следната претстава, во склоп на програмата „Паралели“ во рамки на „Танц фест Скопје 2024“ е „Сага“, која ќе се одржи на 16 април во 20 часот на големата сцена на НОБ, во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, сценографија на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски. Во претставата учествуваат првенци, солисти и ансамблот на Националниот балет. На 23 април, пак, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, чиј креативен тим го сочинуваат костимографот Александар Ношпал и драматургот Соња Здравкова-Џепароска, а кореографиите се: „Раѓање“ на Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андоновска, „Преплетување“ на Адријана Данчевска, на музика на Александар Гроздановски и „Вознес“ на Саша Ефтимова, на музика на Александар Пејовски.

Инаку, ова јубилејно издание фестивалот ќе презентира повеќе домашни и странски кореографи на повеќе сцени низ градот, кои ќе бидат дел од повеќеслојната програма, која дава осврт на современата танцова сцена.

Така, на 17 април во Младинскиот културен центар, ќе се претстават повеќе современи кореографи, претстава во која ќе видиме кореографии на Каи Чун Чуанг и Марија Шуркал, во продукција на „Вертикалити танцова компанија“ на Роуз Брус од Линц, Австрија, како и кореографиите „Гризење“ на Тереза Лазарев и „Језгро“ на Бисера Димчевска со Наталија Трифуновиќ.

Јубилејната прослава на фестивалот, пак, ќе се одржи на 30 април, на сцената на Македонскиот народен театар, со претстава на Скопје танцовиот театар и кореографии на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска. Истата вечер ќе се додели и наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност што годинава постхумно ќе му припадне на балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Марин Црвенов.

На 11 мај на сцената на Македонскиот театар, пак, ќе се прикажат две кореографии, „Блокови“ на Дејан Битровски и „Табу република“ на Бобан Русески. „Танц фест Скопје 2024“ од 13 до 17 мај, ја вклучува програмата Moving Balkans, во која ќе учествуваат уметници од 11 земји: Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и  Македонија, со кореографи и професори од Холандија и Италија. На 13 мај во МКЦ ќе може да се види претставата „Импулс“ на Скопје танцов театар 2, во која ќе настапат студентите при Катедрата за современ танц и Балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“. Овогодишното фестивалско издание ќе заврши со претставата „Мозаик“ на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните Олимписки игри во Париз, Мурад Мерзуки, кој нашата публика го памти по претставата „Пиксел“.


3 views

Comments


bottom of page