top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стивен Спилберг жали што сменил сцена во „Е.Т.“

Стивен Спилберг жали што ја сменил сцената со пиштоли во филмот за симпатичниот вонземјанин Е.Т. Научнофантастичниот класик од 1982 година вклучувал сцена во која другарчињата на главниот лик ги бркаат полицајци со пиштоли, а Спилберг жали за одлуката да ги замени пиштолите со воки-токи. Говорејќи на самитот „Тајм 100“, легендарниот режисер рече: „Тоа беше грешка. Никогаш не требаше да го сторам тоа. Е.Т. е производ на својата ера. Ниту еден филм не треба да се ревидира врз основа на променети ставови“. „’Е.Т.’ беше филм во кој бев чувствителен на фактот дека федералните агенти им приоѓаат на децата со огнено оружје и решив дека ќе ги сменам пиштолите со воки-токи. Години поминуваа и со текот на времето јас почнав да ги менував своите погледи“. Режисерот оскаровец (76) ги повика аспирантите што сакаат да се занимаваат со режија да не ја прават истата грешка. „Никогаш не требаше да се плеткам со архивата на сопствената работа и никому не му препорачувам да го прави тоа. Сите наши филмови се еден вид патоказ за тоа каде бевме кога ги снимавме, каков беше светот и како светот реагира кога ги објавивме тие приказни“. Прекрасниот вонземјанин е еден од најпознатите ликови во поп-културата и научната фантастика. Веднаш штом се појави во кината во 1982 година, „Е.Т.“ стана безвременски хит. Спилберг создаде некои од најпознатите и највпечатливи моменти во филмската индустрија. Во една пригода изјави дека меѓу филмовите што ги режирал, „Е.Т.“ му е најдраг и го гледал најмногупати од сите свои филмови.



0 views

Comments


bottom of page