top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Стибера – ценета од императорите, чувана од божицата Тихе со богатства кои се реткост во светот

Updated: Nov 16, 2021

15.11.2021 Noemvri Ponedelnik

Античкиот град Стибера, каде што со истражувања се најдени преку 30 мермерни статуи на божества и заслужни граѓани, храмови и многубројни вредни артефакти кои можат да се најдат само на најпознатите антички локалитети и претставуваат вистинска реткост во светски рамки, со конзерваторски зафати може да биде атрактивна туристичка дестинација

Стибера, античкиот град лоциран на 17 километри југозападно од Прилеп, до селото Чепигово, покрај реката Блато која се влива во Црна Река, деновиве повторно ја разбранува јавноста со нови извонредни откритија. Главниот “виновник“ за тоа е Душко Темелкоски, кустос археолог во Прилепскиот Завод и Музеј, кој на пошироката јавност и ги презентираше извонредно сочуваните наоди, мермерна скулптура на сопруга на император, агора (плоштад) и мерни маси кои можат да се сретнат во познатата Помпеја во Италија. Според Темелкоски, токму Стибера според значењето што го имала во античкиот период заслужува повеќе внимание и финансиска поддршка од државата. За историјата на овој град малку се знае, барем меѓу пошироката јавност, иако во изминатите години таму беа пронајдени едни од највредните и најуникатните археолошки наоди на територијата на државата.

Формиран е во време на владеењето на македонските кралеви во 4. век пред н. е., на територија на котлината Пелагонија која тогаш е населена од три етникуми. Во најужниот нејзин дел во сегашна Грција и средишниот, битолскиот дел со градот Хераклеја, живееле Линкестидите (племе на рисот), додека северно над Црна река живееле Пелагонците и Дериопите. Кога зборуваме за Стибера, зборуваме за Дериопите. Се знае за три нивни градови, позиционирани во горниот тек на Црна река, во тоа време Еригон. Првиот град тргнувајќи од запад е Брианиум, денешно село Граиште, Демирхисарско, следува Алкомена, денешното Бучин и Стибера, кој бил главен град на областа Дериоп. Според Темелкоски, токму заради оваа позиционираност на влезот на реката во котлината, овие три градови имале голема геостратешка важност. Во тоа време реката била пловна, така што со дрвени сплавови се пренесувале дрвена граѓа и железна руда од Демирхисарско кон Стоби и понатаму по Вардар до Солун. Темелкоски посочува дека Стибера е спомната во пишани антички извори, а во врска со настани поврзани со Македонско-Римските војни. “Во време кога Римјаните се шират на Балканот, најголем отпор дава Македонија, која сепак во тоа време е империја на залезот на својата моќ. Се водат три војни, а за време на втората во 200-та година пред н.е. во Стибера влегле римските легионери да одморат и да се снабдат со потребните намирници, предводени од конзулот Сулпикиј кој војувал против македонскиот крал Филип Петти. Според вториот запис, за време на третата војна во 169 година пред н.е., Стибера е команден штаб, база на последниот македонски крал Персеј, од каде тој тргнал во поход кон соседните Илирски племиња, Пенести, кон запад (Ускана, денешно Кичево), а кои биле сојузници на Римјаните. По враќањето во Стибера заробените војници ги продава како робови.

Истражувањата на Стибера

За првпат во Стибера истражува српскиот археолог Никола Вулиќ во далечната 1924 година. Во 1953 Археолошкиот музеј – Скопје под раководство на Душанка Вучковиќ Тодоровиќ врши истражувања и тогаш се отворени гимназионот и храмот на божицата Тихе. По подолг период, односно од 1984 па се до денес, со истражувањата раководат археолозите од Завод и Музеј Прилеп, Костадин и Лилјана Кепески и Душко Темелкоски.

“Остатоците од градби од периодот на владеењето на македонските кралеви на теренот се скромни, односно сочувани се само во нивните најниски темелни ѕидни делови. Ова е затоа што врз нив се градат подоцнежните римскодобни градби. Но, пронајден е броен и разновиден движен материјал кој сведочи за тој македонски период, луксузни чаши за вино со рељефни прикази на лов, на борби и со растителни мотиви, потоа тука се фигурини од глина меѓу кои се издвојува претставата на богот Херакле, керамички ламби и монети на македонските кралеви. Во 2 и 3 век од нашата ера, Римската империја ја има својата најголема моќ и тој период е познат како Пакс Романа – период на благосостојба“, објаснува Темелкоски. Токму тогаш и Стибера доживува најголем процут.

“Од тој период се истражуваат акрополата и делот под неа со неколку јавни и стопански градби: гимназион, собрание, храм на заштитничката на градот Тихе, плоштад со чешма и одводен канал, светилиште посветено на култот кон императорот и работилница. Значајна е епиграфската мермерна плоча вградена во чешмата, со натпис посветен на Посејдон (богот на водата, морињата и реките), на реката Еригон – Црна река (во овој случај како персонификација на истоимено локално речно божество) и нивните придружнички нимфите – сирени. Од гимназионот се откриени повеќе архитектонски целини, училници и свечена сала – хероон, во кои на видно место стоеле скулптури на заслужни граѓани и на божества – патрони на учениците. Тоа било време на патријархат, учеле само машки ученици – ефеби. Спред пронајдените натписи со списоци колку ученици имало секоја година, се добива бројка од околу 20 000 жители, што укажува дека Стибера во својот зенит бил вистински град мегаполис “, вели Темелкоски.

Зошто Стибера е македонска Помпеја?

Иако со досегашните ископувања во Стибера се откриени релативно мал број на градби, со многубројните пронајдени репрезентативни мермерни скулптури таа претставува непроценлив археолошки бисер. Според извонредно умешната техника на изработка, работилницата за мермерни производи од римскиот период била врвна, не само на територијата на нашата држава, но и пошироко.

“Кон средината на 3 век, кога Римската империја слабее, Готите, Херулите и други варварски племиња од север, во својот налет рушат се пред себе. Особено на удар се токму јавните градби и скулптурите кои го претставувале луксузот, сјајот и моќта на царството. За среќа, мермерните претстави во градбите во Стибера се сочувани во голема мера и со нивното пронаоѓање од наша страна дознаваме за раскошот и богатството на градот. Затоа професорот Иван Микулчиќ на Стибера и го доделува атрибутот ‘македонска Помпеја’. Покрај претстави на видни граѓани кои допринеле за развој на градот, пронајдени се скулптури на божицата на победата Нике, богот Меркур и богот на медицината Асклепиј. Стибера бил еден од ретките градови со посебна привилегија да има светилиште во кое се слави императорот, така што присутна е и скулптура на император. Во храмот на Тихе, заштитничката на градот, пронајдени се мошне репрезентативни мермерни бисти на таткото и синот Орест и Флавиј, заслужни граѓани, како и скулптура на богот Дионис, претставен како дете.

Со најновите археолошки истражувања оваа година, се добијаа навистина значајни сознанија. Се откри дека храмот на божицата Тихе, собранието и работилницата за производи од глина (фигурини на божества и ламби) биле распоредени на поголем простор – агора“, објаснува Темелкоски. Агорите како централни плоштади во античките градови биле средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на луѓето, но и пазариште, место каде што граѓаните вршеле стокова купопродажба. Откривањето на административниот дел на агората оваа година на Стибера претставува прво такво откритие кај нас. Најексклузивен наод е мермерната биста на жена за која се смета дека е Фаустина, сопруга на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Бистата била поставена на постамент во ниша која била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа според извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница за мермерни скулптури во градот. Откриената мерна маса за верификација на течните продукти кои се продавале на агората, повторно ја поврзува Стибера со Помпеја, затоа што исто така, целосно сочувана и со натпис на неа, е пронајдена и во овој италијански град. На натписот пишува дека службеното лице на агората, агораномот Ајлиј Химнос, во 142 година, донирал свои средства за изработка и поставување на мерната маса.

“Империјата во 3 век слабее и постепено се шират христијанството и други религиозни култови од нејзините источни делови. Нивното ширење го дозволува самата централна римска власт, со цел одржување на мир и стабилност. “Кога работилница за теракотни фигурини и ламби на агората престанала да работи, врз неа е изградено мало светилиште. Во него е пронајдена мермерна плочка со човечка претстава со птичје лице. По првичните анализи не беше сигурна идентификацијата на оваа претстава, па една претпоставка беше дека тоа било семејно светилиште на легионер кој служел во некоја источна римска провинција и бил следбеник на египетскиот бог на небото Хорус. По неговото пензионирање и добивање на земјиште токму во Стибера, го подига ова светилиште во чест на богот. Но, со најновите истражувања, претставата со птичје лице, а со тоа и светилиштето, би можело да се поврзат со Митра, друго божество од исток кое добива свои следбеници на овие простори во тој 3 век“, вели Темелкоски.

Потребни чекори за прераснивање на Стибера во туристички бисер

“За жал, речиси сите парцели на кои се истражува се во приватна сопственост. Иако прилепскиот музеј има начелна дозвола од мештаните да се ископува, сепак доколку не се реши прашањето на сопственост, во иднина не може да се реализираат проекти за заштита и конзервација на откриените градби, со што ќе се овозможи нивна соодветна презентација. Поради овој проблем, градбите, како што се собранието, работилницата и светилиштето на божество со птичје лице, по откривањето и извршената документација заради заштита од климатските услови, мораа да бидат повторно засипени со земја“ објаснува Темелкоски.

За среќа, најново откриениот дел од агората е на државно земјишта, така што веќе од следната година треба да да започне негова реконструкција и конзервација. „Проблемот на сопственост е потешко решлив по пат на експропијација, односно замена на земјиште. Но, постои навестување на иницијатива од страна на локалната самоуправа на градот Прилеп да се реши овој проблем со откуп на парцелите во приватна сопственост на мештаните од селото Чепигово. Со тоа, спомнатите градби повторно би биле откриени и би се конзервирале и на тој начин Стибера ќе го добие сјајот што го заслужува еден археолошки бисер и би прераснала во атрактивна културно-туристичка дестинација“ завршува археологот од прилепскиот Завод и Музеј,Темелкоски. (Д.Т.)








1 view

Comments


bottom of page